Фото: Пиксабеј

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека Русија претрпела „значителни загуби“ во Украина.

– Имаме значителни воени загуби – изјави Песков за Скај њуз „и тоа е голема трагедија за нас“.

Руското Министерство за одбрана на 25 март објави дека 1.351 руски војник биле убиени, а 3.825 биле ранети од почетокот на „специјалната воена операција“ во Украина.

Германскиот канцелар Олаф Шолц изјави два дена подоцна дека најверојатно се убиени најмалку 10.000 руски војници.


Нема шанси Путин да заврши на суд

Портпаролот на Владимир Путин, Дмитриј Песков, во интервјуто за „Скај њуз“ негирал дека руските сили извршиле воени злосторства во Украина, на што новинарот Марк Остин го прашал дали Русија ќе соработува со истрагата на Меѓународниот кривичен суд за воени злосторства во Украина.

Песков одговорил дека Русија не го поддржува и не го признава Меѓународниот кривичен суд додавајќи дека „Русија не е единствената земја во светот што го прави тоа“.

– Ние сме заинтересирани за навистина независна и објективна истрага за сите злосторства – рекол Песков, додавајќи дека Русија сака да знае каков ќе биде форматот на таквата истрага бидејќи, како што изјавил, „имаат горчливо искуство со меѓународните истраги“.

Новинарот потоа го прашал дали Владимир Путин е загрижен дека може да заврши на суд.

– Не, не е. Не гледаме никакви шанси тоа да се случи – рекол Песков.