ФУДБАЛ – НЕДЕЛАВА ЧЕТВРТ-ФИНАЛЕ НА ЛИГАТА НА ШАМПИОНИТЕ
Четврт-финалето на фудбалската Лига на шампионите ќе донесе нови возбудливи средби, а неделава се првите мечеви (реваншите се идната недела), и тоа Манчестер сити – Атлетико Мадрид и Бенфика – Ливерпул утре, а в среда Вилјареал – Баерн и Челси – Реал Мадрид. Дуелите во Лисабон и во Лондон се двојките од четврт-финалето во кои играат тимови што досега биле европски прваци (Реал Мадрид 13 пати, Ливерпул шест, а Бенфика и Челси по двапати). Од четвртфиналистите сезонава трофејот го освојувал и Баерн (шест пати), Атлетико трипати настапи во финале, Манчестер сити еднаш, а Вилјареал има едно полуфинале. Европската фудбалска унија (УЕФА) на својата интернет-страница ги претстави дуелите.
„Играме со Дени Дринквотер во средината, со Нголо Канте од двете страни“, рече шефот за ангажирање играчи на Лестер, Стив Волш, за време на сезоната на освојување на титулата во англиската Премиер-лига. На моменти за Реал Мадрид во полуфиналето од минатата сезона против Челси, мораше да се чувствува како Канте да игра комплетен т.н. дијамант во средниот ред, таква беше семоќноста на Французинот, пишува УЕФА. Тој ги освои наградите за играч на натпреварот, додавајќи уште една таква награда во финалето. Дали Реал Мадрид, годинава со нов тренер, Карло Анчелоти, може да најде начин да се спротивстави, пишува УЕФА.
Лисабон беше местото каде што почна љубовната врска со Ливерпул за Јирген Клоп. Во 2015 година, тој седеше пред едно кафуле во португалската престолнина кога му се јавија и му ја понудија работата во Ливерпул. Изненадувачки, со оглед на растојанијата поминати во Европа, оттогаш тој не се вратил во Лисабон. Сега следува меч на Ливерпул со Бенфика.
Земајќи го предвид статусот на Пеп Гвардиола и на Диего Симеоне меѓу тренерите, зачудувачки е што тие се сретнале само трипати во текот на нивните менаџерски кариери (Гвардиола има две победи, а Симеоне една). Ќе биде фасцинантно да се види како ќе поминат нивните контрастни стилови. Според дефанзивниот играч за врска на Манчестер сити, Родри, кој играше за двајцата тренери, тие имаат и многу заедничко.
– Начинот на кој се натпреваруваат, начинот на кој работат секој ден, фактот дека сакаат да растат секој ден, со нивната натпреварувачка природа, тие се многу слични – рече Родри.
Додека Баерн го одмеруваше противникот Вилјареал по ждрепката, победата над Јувентус не остана незабележана, а Томас Милер предупреди дека неговата екипа „ќе мора да се бори секоја секунда“.