Официјалната инаугурација на Класата 2022 ќе се одржи на 10 септември

КОШАРКА

Легендарниот југословенски и српски кошаркар Радивој Кораќ годинава ќе биде примен во „Куќата на славните“ во НБА, во Класата 2022. Кораќ, кој загина во сообраќајна несреќа, остави неизбришлива трага во југословенската и во европската кошарка. Тој уште го држи рекордот според бројот на постигнати поени (99) во победата на неговиот клуб ОКК Београд против шведски Авик, во сезоната 1964/65 во Евролигата, тогашен Куп на шампионите. Со него се врзуваат првите големи успеси и освоени медали на тогашната репрезентација на Југославија, како што се олимпиското сребро (1968 година), светските сребра (1963 и 1967), европските сребра (1961 и 1965) и европската бронза (1963). На база на овие големи резултати подоцна се изградени идните повеќедецениски успеси на југословенската репрезентација, а Кораќ го доби статусот кошаркарска легенда.

Кораќ загина во 1969 година, а три години потоа, по предлог на тогашниот генерален секретар Вилијам Џонсам, ФИБА именува едно од своите три клупски натпреварувања со неговото име – „Куп Радивој Кораќ“. Четири децении победникот на ова натпреварувањето го креваше овој пехар, во форма на златен отпечаток на неговата шутерска лева рака. Четири децении купот постоеше под тоа име, а од 2003 година него го освојува победникот на Купот на Србија. Од 2007 година, Кораќ е член на „Куќата на славните на ФИБА“. Официјалната инаугурација на Класата 2022 ќе се одржи на 10 септември во Спрингфилд.

На листата за Класата 2022 се и Свин Кеш (четирикратна членка на олстар-тим, трикратна шампионка во ВНБА…), Лери Костело (шесткратен НБА-олстар и шампион во НБА…), Хју Еванс (НБА-судија), Ману Џинобили (четирикратен шампион во НБА, двократен олстар, златен олимписки медал), Тим Хардавеј (петкратен олстар, златен медал на ЛОИ…), Дел Харис (долгогодишен тренер во НБА, колеџ и на меѓународно ниво), Лу Хадсон (шесткратен олстар…), Боб Хагинс (долгогодишен тренер во колеџ), Џорџ Карл (тренер на пет НБА-тима во текот на 27-годишната кариера, шести на сите времиња во победи во НБА…), Тереза Шанк-Гренц (долгогодишна тренерка во НЦАА, трикратен национален шампион, олимписка бронза…), Мариена Стенли (тренерка на колеџ и во ВНБА, трикратна шампионка…) и Линдзи Вејлен (четирикратна шампионка на ВНБА, петкратен олстар, две злата на ЛОИ…)