Претседателот на Владата Димитар Ковачевски, во интервју за емисијата „360“ за ТВ Алсат-М, истакна дека пописот е статистичка операција, а не етничка, ниту политичка операција, и државата го спроведе со цел да ги имплементира своите економски и развојни политики врз основа на бројки.
– Јас имам работено 22 години во реалниот сектор и секогаш кога се прави деловен план за почетокот на следната година се земаат податоци за резидентното население во државата. Податоците од официјалниот последен попис за население даваа погрешни инпути во старт во деловното планирање и во други планирања во општествени сфери, и тоа едноставно повеќе не беше одржливо-нагласи премиерот Ковачевски.
Ковачевски додаде дека што се однесува до етничката застапеност намалувањето на бројот на населението и тоа намалување е исто распределено кај сите етнички заедници, и дека тоа е заедничко за сите земји од Балканот.
– Затоа овој попис е од значење за да креираме економски политики кои што ќе се свртат кон човечкиот капитал, кон инвестициите и кон отворање на поголеми можности, особено за младите да останат во земјата-рече премиерот.
Пописот е спроведен врз основа на методологија која што е одобрена од страна на „Евростат“ и со присуство на експерти од ЕУ со користење на најсовремена техника и плус се работи за комбиниран модел на попис при што се користени 9 бази на податоци од најразлични институции од државата со цел да се добијат вкрстени податоци.
Сега кога се објавија податоците, посочи премиерот Ковачевски, пописот го критикуваат тие што правеа најголеми опструкции, и додаде дека освен што пописот се спроведе во услови на ковид, тој се соочи со активен и скриен бојкот од опозицијата, односно од Левица и ВМРО – ДПМНЕ.