Ако е сосема јасно каде припаѓаме, на кој дел од светот сме ставени во новата поделба, редно е да видиме и што ќе правиме таму? Или што ќе ни се прави таму?! Драги мои, процесот на демонтирање на некогашната држава Република Македонија од држава на мнозинството што се дефинира како Македонци ќе продолжи. Јас не знам како може да не разбираме дека проектот „Македонија Швајцарија на Балканот“ се реализира со целата негова суштина поставена уште меѓу двете светски војни од фашистичкиот ум на Иван Михајлов, а спонзорирана од тогаш фашистичката Германија и нејзините фашистички сатели Бугарија, Грција и Албанија. Ете, тој концепт се расплетува и води кон големото финале – бришењето на Македонците како конститутивен народ, федерализација и поделба на републиката, сега веќе Северна. Сега за сега сите елементи се тука, големиот спонзор Германија продолжува да ги плаќа сметките на извршителите и дефинитивно сме на прагот пред моментот кога ќе ни кажат од Берлин, видете, тоа е, земете или оставете! Најавите дојдоа деновиве од подолните ешалони. Очекувајте како одиме кон јуни да се крева нивото на германски политичари што ќе го отворат целиот пакет. А што треба да земеме од тоа пакетче? Тоа сѐ уште никој не сака да го каже, барем не јавно и недвосмислено, но сосема е јасно дека се работи за укинување на Македонците и создавање нова нација северномакедонци. Не знам кој дел не го разбирате? Погледнете го новоговорот на Американците, ниту еднаш, за ништо и во никоја пригода не се употребија зборовите Македонци, македонско, македонски. Не вртете ја главата на другата страна, релативизирајќи го фактот дека со договорот од Преспа не постојат повеќе Македонци, а именката Македонија е избришана од јавниот простор. Гледате ли негде да пишува Македонија, официјално или неофицијално? М? Плус е забранета и не се употребува и во новоговорот на сите политичари од владејачкото мнозинство, од никого и за ништо на светот. Дури ни за да честитаат победа на фудбалска репрезентација. Тоа е, драги мои, комуњарската квазиелита, сега предводена од македонскиот Зеленски, Ковачевски, е ковачот што треба да го закова ковчегот со девет алки железни, во кој ќе бидат положени мртвата Македонија и идејата за неа како држава на Македонците, дури и барем како држава и за Македонците. Така си е тоа, тие ќе бидат извршителите и конечното решение за бришење на Македонија и Македонците ќе ни се случува пред очи, просто и разбирливо. Како ќе го извршат тоа? Стравот е конјунктурен, драги мои. Ете, веќе Албанија се одвојувала од нас и сама ќе одела во Европа. А ние ќе останеме тука да нѐ изедат Русија или можеби Белорусија. Нема ништо подобро за продавање од страв.
Сите облици на страв се најлесната алатка за убедување на кого било да купи што било, за да си ги спаси животот и опстанокот. Така ќе биде и овој пат, Русија ќе биде алатката за страв од војна. Веќе почнуваат да го произведуваат апчето што ќе треба да се подели на Македонците, со препорака дека тоа е последната терапија што ќе води кон здравје, среќа и долг живот некаде и некогаш во некоја Европа, во која ќе пристигнеме утре, евентуално задутре. Тоа е, ние немаме право на сопствен земјен рај, дури ни во книгите, во филмовите и во приказните! Тој политички медикамент ќе се состои од комбинација на пропаганда, притисоци, нови апсења, закани и заплашувања, сценарија за економски распад на земјата, судски процеси и повторно продавање на истите лаги од потреба за воспоставување демократија и владеење на правото. Последното е прво и веќе го започна амбасадорката Брнз во Скопје, со презентирање шокантни податоци дека довербата во правосудството и правдата е помала од десет проценти! Замислете?! Јас не знам како и на кој начин треба да разбереме дека идентификацијата на народот со државата е падната на десет „факинг“ проценти! На десет, разбирате ли што значи ова? Ако е ова точно, тогаш оваа држава е само привид и прашање е на денот кога ќе се распадне. Ќе се сруши, ете така, како да е од прав и пепел. Република Северна Македонија е држава, драги мои, со која никој не се идентификува, никој не ја препознава за своја, ама никој. Ниту Албанци, ниту Турци, ниту северномакедонци и северџани. Во државата што ја конституираа пред некоја година нејзините граѓани не веруваат дека може да го направи основното за една административна целина да се нарече држава, а тоа е да воведе закон и ред. Тоа е првата работа. Воспоставување закон и ред. По сѐ и пред сѐ. Не знам што се глупирате и зборувате за образование, економија, инвестиции, развој и прогрес? Ако граѓаните немаат воспоставено алатка за препознавање на државата, на местото во кое живеат и работат, како простор во кој ќе бидат озаконети и конституирани, сѐ друго е лага и измама! Но тоа ние го знаеме и без бесмислените статистики платени со парите на кутрите американски данокоплаќачи. Она што мене ме прави да се идентификувам со комичарот Ковачевски е неговата улогата на претседател на владата на северна будалија, кога трипати неделно јавно настапува и зборува како некој што прави нешто и, патем, владее. Најверојатно со нешто што навистина постои само во неговата глава. А дали и таму? Најсмешниот дел од ова комедија наречена Република Северна Македонија, драги мои, е кај Американците, кои, навистина, ама навистина, станаа за смеење. Госпоѓата амбасадорка никако да види и разбере зошто е тоа така – како што кажува дека е.
И како сме стигнале до тоа? Ама, губернаторке, вие сте тие што триесет години го реформирате системот на владеење на правото, вие ги избирате луѓето, вие им го плаќате образованието, вие ги индоктринирате, вие им давате задачи, вие им правите евалуација, вие ги наградувате и вие ги казнувате! Како не разбирате дека тоа што вашата Радмила пак сте ја вклучиле во пропагандата за сеење руски ветеришта и виулица во рана пролет во Македонија нема да произведе верување кај мнозинството Македонци дека за немањето за правда во Македонија се виновни и одговорни лудите Руси! Навистина ли мислите дека Македонците за месец-два војна и пропаганда ќе почнат да веруваат дека зад проектот на уништувањето на правосудниот систем, владеењето на правото и урнисувањето на кревката демократија е виновен и одговорен императорот Путин?! Ете, дури и со новоомразата кон Русија и кон сѐ што е руско, вие навистина ли очекувате граѓаните да веруваат во новите реформи, по десетти пат започнати и урнисувани од вас и вашата влада. Аман, ве молам, немојте да се истрчувате со проекти за владеење на правото. Немојте да барате од нас да воспоставиме власт на законот, кога, кај и да е, наесен ќе побарате да ги заобиколиме и законот и уставот, за да ги направите сите оние промени што сега Бугарија ги бара да бидат направени во она кутро законче наречено устав! Намалете со правото и правдата, госпоѓо, оставате впечаток на неинформирана. И така, од есен, околу нова година можеби, нарачајте нови истражувања и видете ги новите статистики за довербата во правото и демократијата? Тоа е. Инаку, немојте да ми кажете дека едно евро за мене, едно за Вицето и едно за водечкиот поп Звонко е според законот и нема тука што да бараме од владеење на правото? За референдуми, за вадење пратеници од притвори и други алатки на правото и демократијата нема сега да отвораме дебата? Сто тоа е според законот и е владеење на правото. Народот е глуп, не разбира и сѐ ви верува, само што довербата во вашиот систем, според вас, е катастрофално мала. И за тоа се виновни Русија и Путин, мајката, што би рекол саканиот другар Заев. Ете, тоа е. Нема де се случи ништо друго. Никој од таканаречената европска и светска заедница нема да реагира, да застане и да нѐ поддржи во нашите лелекања, од причина што ќе биде забрането дури и да плачеме. Зборувањето за проблемот што Македонците е забранета тема кај децата на црвената буржоазија, кај комуњарите и северџаните, во Македонија, а особено во Брисел и Вашингтон.
Ако им ги гледате и слушате изјавите на премиерот и министрите, што може да се заклучи: супер сме, добро ни оди во преговорите со Бугарија, економијата се држи, кај и да е ќе ги решиме и оние мали проблемчиња што ги измислуваат разни гурабиијадачи и опозиционери. Што да се прави? Болеста на Македонците е пострашна отколку што мислиме и колку порано и колку понеплашливо се соочиме со тоа, толку полесно ќе го отфрлиме евроамериканското апче, кое ниту ќе ни помогне ниту ќе нѐ излекува. Само ќе нѐ затапи. Проблемите никој не ги решил со дијазепами. Плукнете им го. Прифатете ја болката како суштина. Борете се со неа. Покажете дека ве боли, плачете кога е за плачење, врескајте од болка, но станете повторно и продолжете да се борите. Боли, ама нема како да не боли кога треба да боли! Оставете болката нека ве води и таа нека ви дава сила. И разберете, болката за праведна цел е за болката да престане да боли. Болката за татковината, драги мои, секогаш болела. Борбата за татковината повредува. И боли.
Јани Бојаџи
Авторот е режисер и универзитетски професор