Глобалното село гори, дедовците се чешлаат за ЕУ

Во една од своите последни драми („Бура“), Шекспир ќе напише: „Пеколот е празен и сите ѓаволи се овде“. Навистина, како сите големи и мали вулкани во светот да се активирале истовремено. Сето она што се сметаше за смирено (или барем во состојба на „замрзнат конфликт“) се активира и вивнува на површина. Војната во Украина беше прогнозирана уште пред десетина години (прочитајте ги само книгите на покојниот Стивен Кохен), и тоа како судир меѓу САД и Русија. Тоа е сега ужасна хроника на една најавена смрт (која можеше лесно да се спречи). Но она што малкумина можеа да го предвидат е силата на верижната реакција на глобален план: од барањата на Јапонија за ревизија на мировниот план за Курилските Острови до барањата за репарации од британската влада на луѓето од Јамајка! За Белград, Бриселскиот договор со Приштина е мртов, а на последниот итен самит НАТО носи одлука за јакнење на своето воено присуство во Грузија и во БиХ! Во речиси ист (мартовски) период се нижат годишнини од НАТО-интервенцијата во СР Југославија, нападот на Ирак, почетокот на војната во Сирија… сѐ до еден месец војна во Украина. Коинциденција на судбината е што на денот кога започна бомбардирањето на Белград почина жената што се „прослави“ велејќи дека смртта на половина милион дечиња под петгодишна возраст во Ирак била цена вредна да се плати (Медлин Олбрајт замина како „почитувана жена“). Се будат спомени, се прават споредби, се пенат чувства за заборавени неправди и жртви помалку важни од други – и тоа критичарите го нарекоа „whataboutism“ (нашиве имаат поедноставен израз „релативизатори“ и се однесува на сите што ќе ги спомнат жртвите во Јемен или Палестина. Се зборува за глад од библиски размери, но корпорациите потскокнуваат од среќа: решението во вид на генетски модифицирана храна е подготвено. Корпорациите како да се единствените со џокери в рака пред лицето на апокалипсата. На крајот, ќе треба да ги прегрнеме како спасители сите оние што печалат на смрт, глад, болести и вируси, на целата деградација на планетата и човештвото.

Паралелно (и всушност во подолг период) се одвива и систематско урнисување на здравиот разум. Се чини банално и неважно, но размислете дали е така со само еден пример што го издвојувам. Некако паралелно со најавата на нашите (божем прогресивни) власти за закон за доброволна промена на полот со обична изјава заверена на нотар, на национално пливачко првенство во САД победува извесна Лиа Томас – момче што смета дека е девојка, а спортските власти ја почитуваат слободата на неговиот/нејзиниот избор. Во согласност со идентитетскиот фетиш (никој не смее да ти се меша во тоа како се чувствуваш – п.с. ова за Македонците не важи), пливачот што бил рангиран на 500 место, како пливачка станува шампион, оставајќи ја носителката на олимписки медал далеку зад себе. (За среќа, законот овде е стопиран, инаку ќе имавме проблем од пензионирањето до изборните листи со загарантирани места за помалку застапениот пол.) До каде оди лудилото се гледа и од една изјава на тукушто избраната судијка на Врховниот суд на САД, која на едноставно новинарско прашање „Што е жена?“ (а Бајден ја номинираше токму како жена со соодветен црномурен изглед и правни перформанси), таа одговара: „Не знам, не сум биолог за да ви дадам одговор на тоа прашање.“ (Изгледа Бајден е биолог.) Она што најмногу шокира среде оваа ментална бура и негација на сето она што сме го сметале за одамна апсолвирано е МОЛКОТ! Молкот на сите НВО-организации за заштита на женските права! Фрапантно е што да се биде (обична) жена станува проблематичен статус, нешто што треба да се дообјаснува, па дури и научно преиспитува (од биолози!). Фрапантно е што вековната борба за женски права, од суфражетките до денес, се фрла во вода во име на некакви нови идентитетски акробации. Во име на политичката коректност, сите се прават мутави за фактот дека жените се повторно фрлени во аут, маргинализирани и поставени пред нефер конкуренција на мажи што се претставуваат/чувствуваат како жени. Денес е непопуларно да бидеш жена, а уште повеќе да се бориш за женски права и еманципација, бидејќи со тоа наводно ги загрозуваш оние што не се сосема жени, ама така се чувствуваат. Феминизмот е аут! Како и пацифизмот, антимилитаризмот, екологизмот итн.

Пред секојдневниот наплив на речиси неверојатни вести, како од рубриката „верувале или не“, секојдневно во фејсбук-месинџерот добивам прашања од познати или непознати: „Професорке, вистина ли е ова?“. Јас потврдувам дека е вистина, односно дека не станува збор за лажни вести. Одговарам, ама и самата веќе почнувам по стопати да се преиспитувам. Почнав да следам познат политички коментатор од (неславниот и озлогласен) ТВ-канал Фокс њуз, Такер Карлсон. Го слушам со сиот напор да откријам зошто еден десно ориентиран конзервативен лик ми звучи поприфатливо од мејнстримот (инаку, постапката за забрана/канселирање на Карлсон е веќе во тек, исто како онаа на професорот Џон Мершајмер). Левичар сум откако имам развиена свест за општеството и светот околу мене и веќе ме фаќа паника: како е можно да не се разбирам со левичарите, а ова што го зборува човеков да „држи вода“? Се преслушувам со луѓе што ги почитувам: можно ли е, драги пријатели, да забегам кон десно? За моја среќа, сите до еден и независно еден од друг ме уверуваат: не станува веќе збор за десно и лево, туку за битка за трошка здрав разум (common sense). Поентата ми е, оние ослободени ѓаволи за кои пишувал Шекспир дејствуваат одеднаш и на сите нивоа: од човечко до геополитичко. Системот на вредности, столбовите до кои сме се придржувале за да бидеме добри и морални луѓе, за да разликуваме Добро од Зло – сето тоа е превртено наопаку. Ова е веќе повисока верзија на Орвеловата „1984“. Овде прво беше протерана слободата, критичката мисла, а сега е протеран и здравиот разум.
Нема сомнеж дека Путин е виновен за агресија врз соседна земја. Освен деструкцијата, бегалскиот бран и неброените жртви на сите страни (бидејќи, да се разбереме, овде не војуваат само две страни, рековме сите ѓаволи се надвор од Адот и држат најмодерно оружје в рака), она што не можам да му го простам е што ги усреќи не само американскиот естаблишмент, воено-индустрискиот комплекс и енергетскиот сектор на САД, поради кои ЕУ станува траен заложник, туку што глобалната милитаризација зема замав каков што немала одамна. Во екот на пандемијата укажувавме за доктрината на шокот, неолибералните политики на штедење, комерцијализацијата на здравството и сл., надевајќи се на „портал кон подобар свет“ (Арундати Рој). Мислевме дека е дојдено време да ни дојде умот на сите. Но сега пандемијата е бенигна, а светот на чекор до апокалипса.

И среде оваа „перфектна бура“, нашиве политички аутисти зборуваат, верувале или не, за забрзана европска интеграција!? Уште пред дваесетина години пишував за милитаризацијата на Венера (ЕУ) под влијание на Марс (САД), па мнозина ми се лутеа. Во меѓувреме, во пазувите на ЕУ почнаа да ги покажуваат роговите и расизмот (кон Ромите), екстремизмот и шовинизмот (кон мигрантите), популизмот и неонацизмот (на АФД, Атака и сличните) – додека експлоатацијата на посиромашните никогаш не беше ни скриена. ЕУ доби (незаслужена) Нобелова награда за мир (за бившо минато време, не за некаква своја мировна политика), а следуваше и Обама. Денес таа ЕУ не само што нема идеја што да прави со војната на своите порти, не само што не е предводник на мировна дипломатија, ниту има авторитет за тоа, туку забрзано се вооружува со (американско) оружје. Она што не му успеа на Трамп, им успеа на Путин и Бајден.

Хуманитарната еуфорија полека спласнува: „за сваког госта, три дана доста“ (вели една изрека). Одделни земји бараат помош за сместување на бегалците, а цените растат неконтролирано, заедно со паранојата. Средствата секнуваат, приоритетите се изменија, а од Зелениот дил не остана ништо (освен што воените производители решиле да градат оружје што ќе биде „зелено“ – мери им го умот!!). Германија веќе не верува во ветрот, туку се враќа на јагленот. Итн. Во ваква ситуација да инсистираш на преговори за име, презиме, историја, јазик и што ли уште не (мамето-племето), во уверување дека тоа е патот кон благосостојба – е рамно на лудило! Никако да разберат дека Венера стана Марс, дека благосостојбата е одамна заменета со мерки на штедење, осиромашување, експлоатација и милитаризирање. И дека кога Безбедноста ќе го замени Мирот, тоа значи повеќе оружје, а помалку путер. Без оглед како ја лажат Украина, па и Грузија, факт е дека ЕУ-интеграцијата е суспендирана за некои подобри времиња. Ако воопшто ги дочекаме… Дотогаш е подобро да се засукаат ракавите и да почнеме да садиме жито, компири, домати и слично.