Високообразовната институција одбележува 15 години постоење
Универзитет Гоце Делчев е формиран како одговор на желбата на многу генерации од овој град и нивното тежнеење кон квалитетно образование и потреба од високообразовна институција за воздигнување на културниот идентитет на Штип и образовната и интелектуалната димензија на поединците. Беше реализирана една голема идеја и градот треба да биде горд на универзитетот.
Од самото формирање овој универзитет вгради елементи за перспективен развој и сето тоа помогна да оваа институција во изминатите 15 години прерасне во една самоодржлива институција, а со тоа и осигура сигурна своја иднина. Универзитетот го носи духот за културна еманципација на македонскиот народ преку единиците во рамките на универзитетот кои значат продолжување на традициите и идејата на носителот на македонската револуционерна борба, Гоце Делчев.
УГД е установа за почит која нуди просперитет не само за студентите кои студираат, туку и за вработените, академскиот и соработнички кадар од целата држава, кој ја препознаа отвореноста на овој универзитет. Отвореноста е една клучна карактеристика која му дава национален и регионален дух и гарантира квалитет и развој на институцијата. Гарантира натпревар на компетенции, натпревар во истражувања, натпревар во културни воздигнувања и поместувања на границите на интелектуални способности.
Универзитетот својата работа ја темели на толеранција, науката и високите морални вредности и има посебна национална одговорност во областа на образованието, научното истражување и промоцијата на европските вредности во изградбата на општества засновани на знаење.
Во годината на обележување на 15 години од формирањето, универзитетот ги има поставено академските вредности високо на агендата на своето работење. Вредностите врз кои е изграден универзитетот се токму оние кои се клучни за нашата способност да се ослободиме од краткорочните барања и да промовираме истражување и образование низ сите генерации и надвор од географските граници. Вредностите за толеранција, емпатија, инклузивност, родова еднаквост, за слободата на говорот, транспарентноста и човековите права се фундаментални вредности кои му овозможуваат на УГД да го разбере нашето минато и сегашност и да се подготви за иднината.