По едномесечен период на опаѓање на заболените во поголемиот дел на Европа, последните денови е забележан нов бран на заболени со ковид-19
Македонија внимателна со укинувањето на антиковид-мерките
Бројот на нови заразени лица од ковид повторно расте во западноевропските земји, поради комбинацијата на повеќе фактори, како забрзано олабавување на ограничувањата, слабеење на имунитетот на популацијата и појава на нова подваријанта на омикрон БА.2, предупредуваат здравствените институции. Олабавување на мерките имаше и во Македонија. Минатата недела од здравствената комисија предложија учениците до деветто одделение да не носат маски во училиштата, со образложение дека ова доаѓа по падот на бројките на заразени во нашата држава во последниот период. Владата на последната седница не ја донесе очекуваната одлука за укинување на маските во основните училишта, која беше дадена како препорака минатата недела од страна на Комисијата за заразни болести. Но и покрај ова, граѓаните во Македонија сѐ поретко носат маски во автобуси и во продавници, што остава можност за повторно ширење на епидемијата.
Иако е мирна ситуацијата, луѓето да бидат свесни дека вирусот е присутен, а вакцинацијата е најбезбедниот начин за спречување на тешка форма на болест, хоспитализација и смртен исход, апелираа од Комисијата за заразни болести по вчерашната средба, на која беше разгледана актуелната епидемиолошка состојба. Засега нема ново олабавување на мерките за спречување зараза од ковид-19. Планирано е да се интензивира кампањата за вакцинација преку пласирање научно проверени информации на социјални мрежи и медиуми. Целта е соодветно да се информира и едуцира јавноста за безбедноста и ефикасноста на вакцините. Од Комисијата за заразни болести соопштија дека ќе продолжат внимателно да ја следат актуелната состојба и ако постои можност ќе предложат постепено релаксирање на мерките.
По едномесечен период на опаѓање на заболените во поголемиот дел на Европа, последните денови е забележан нов бран на случаи. Најизложени се граѓаните на Велика Британија, Франција, Германија, Италија и во другите земји. Француските здравствени власти информираат за зголемување на заболени за третина, една недела по укинувањето на голем број од препораките. Германија минатиот викенд ги укина рестрикциите, наспроти големиот број заразени лица од 300 илјади. Олабавување на режимот на движење на луѓето има и во Италија и во Велика Британија. Но Австрија, која ја укина обврската за носење маска, повторно ја воведе поради новиот пораст на заболени од ковид.
Некои од европските епидемиолози предупредуваа дека властите во европските земји прерано ги попуштиле мерките, а со слична оцена излегоа и од Светската здравствена организација. Британскиот виролог Ловренс Јанг, во изјава за АФП, посочи дека „укинувањето на рестрикциите и слабеењето на заштитата од вакцината, го поттикна ширењето на БА.2, а тоа може да доведе и до создавање нови варијанти на коронавирусот“. Како фактор за повторното ширење на епидемијата се споменува и загадениот воздух во Западна Европа. Овие сознанија се темелат на минатогодишните истражувања, кои покажаа „силна корелација“ меѓу појавата на ковид и присуството на висока концентрација на штетни честички во воздухот.
Поради опасност од нови подваријанти на вирусот, во Франција и во Англија се воведува четврта доза вакцина, која ќе биде обезбедена за станарите во старските домови, за луѓето постари од 75 години и за тие со ослабен имунитет, објави британската здравствена служба. ОД СЗО минатата недела предупредија на веројатноста од појава на нови варијанти „доколку богатите земји продолжат со ревакцинацијата на своите граѓани, додека во другите држави мнозинството население не примило ни прва доза“.
– Пандемијата на ковид-19 не е ни блиску до крајот. Засега сме сигурни дека сме на средината на пандемијата – изјави Маргарет Харис, портпаролка на СЗО. Здравствената организација на ОН претходно соопшти дека акутната фаза на пандемијата може да заврши годинава, но сѐ зависи од тоа колку брзо ќе биде остварена целта да се вакцинираат 70 отсто од населението во секоја земја, пренесе „Ал џезира“.
Во Македонија се регистрирани нови 310 случаи со ковид-19 во изминатото деноноќие од вкупно направени 2.609 теста. Од вкупниот број позитивни, 49 се реинфекции. Регистрирани се еден починат и 284 оздравени пациенти, соопшти Министерството за здравство. Според извештаите од болниците, моментално се хоспитализирани 109 лица (33,9 отсто помалку во споредба со претходната недела).
За периодот од 14 до 20 март, благ раст на бројот на новозаболени покажуваат податоците на Институтот за јавно здравје. Според податоците, направени се вкупно 15.577 теста во тој период, во кој се забележува зголемување за 2,1 отсто во однос на минатата недела. Регистрирани се 1.834 нови позитивни случаи од 32 града во државата, со зголемување од 0,9 отсто во однос на минатата недела кога вкупниот број на новозаразени изнесуваше 1.818.
Процентот на позитивност се движи од 6,6 отсто до 14,2 отсто, просечно 11,4 отсто, се наведува во неделниот извештај објавен на веб-страницата на Институтот за јавно здравје.
– Ситуацијата со ковид-инфекции е смирена и засега земјата е во зелена зона, но не треба да се носат избрзани одлуки. Постигнатиот колективен имунитет не е доволен. Доколку ние секој ден имаме од 200 до 300 новоинфицирани, тоа значи дека сѐ уште сме потенцијален ризик како општество да ни се зголемат бројките, а со тоа и хоспитализација и смртни исходи – изјави вчера министерот за здравство Беким Сали за Радио Слободна Европа, на прашањето дали ќе се укинат сертификатите за вакцинација против ковид.
Податоците од анализата од ковид-тестирањето, односно скринингот што го спроведе Министерството за здравство покажуваат дека не е постигнат колективен имунитет. Присуството на антитела кај невакцинираните испитаници се движи од 75 до 76 проценти, додека кај испитаниците што се вакцинирани нивното присуство е 85-86 проценти. М.Ј.