Челси и Реал Мадрид лани играа меѓу себе во полуфиналето. Атлетико четврти пат за две години ќе игра со тим од Англија, сега со Манчестер сити, Баерн ќе се сретне со актуелниот победник на Лига Европа, Вилјареал, а Бенфика ќе игра со Ливерпул
ФУДБАЛ – ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ, ЖДРЕПКА ЗА ЧЕТВРТ-ФИНАЛЕТО
Во реприза на ланското полуфинале, актуелниот европски фудбалски првак Челси ќе се сретне со Реал Мадрид (најтрофеен клуб, со 13 европски титули) во четврт-финалето на Лигата на шампионите (ЛШ) сезонава. Ждрепката реши и тоа Атлетико одново да патува во Англија, четврти пат за две години, сега кај Манчестер сити, Баерн ќе се сретне со актуелниот победник на Лига Европа, Вилјареал, а четвртата двојка е Бенфика – Ливерпул. Првите натпревари се играат на 5 и на 6 април, а реваншите се седум дена подоцна.
Лани во полуфиналето Челси ремизира, 1-1, на гости во Мадрид, а потоа во Лондон победи со 2-0 за пласман во финалето. Атлетико во сезоната 2019/2020 во осминафиналето играше со Ливерпул, во истата фаза лани со Челси, а сезонава со Манчестер јунајтед, па сега четврти пат ќе игра со англиски клуб, вторпат сезонава во Манчестер.
Во полуфиналето меѓу себе ќе играат победниците на дуелите Челси – Реал Мадрид и Манчестер сити – Атлетико, па сезонава нема да може да има финале со исти тимови како во претходната сезона. Втората полуфинална двојка ќе ја сочинат победниците на средбите Вилјареал – Баерн и Бенфика – Ливерпул. Полуфиналните мечеви се предвидени за 26 и 27 април и за 3 и 4 мај.
ЛШ, ЧЕТВРТ-ФИНАЛЕ
1. Манчестер сити – Атлетико
2. Челси – Реал Мадрид
3. Бенфика – Ливерпул
4. Вилјареал – Баерн
мечевите се од 5 до 13 април
ЛШ, ПОЛУФИНАЛЕ
Победник 1 – Победник 2
Победник 3 – Победник 4
дуелите се од 26 април
до 4 мај
ЛИГА ЕВРОПА, ЧЕТВРТ-ФИНАЛЕ
1. Лајпциг – Аталанта
2. Ајнтрахт – Барселона
3. Вест хем – Лион
4. Брага – Ренџерс
мечевите се на 7 и 14 април
ЛИГА ЕВРОПА, ПОЛУФИНАЛЕ
Победник 1 – Победник 4
Победник 3 – Победник 2
мечевите се на 28 април
и 5 мај