По тридневните завршни подготовки во Охрид, на кои ги дефиниравме формата и тактиката на секој од нашите спортисти, лично очекував влез во финале и барем еден освоен медал. Моите прогнози се обвистинија, Наковска-Бикова влезе во финалето и освои златен медал, вели Јовановски. За олимписката шампионка од 2012 година тоа е втора европска титула, откако освои златен медал и во 2001 година
БРАНИМИР ЈОВАНОВСКИ, СЕЛЕКТОР НА МАКЕДОНСКАТА ПАРАОЛИМПИСКА РЕПРЕЗЕНТАЦИЈА ВО СТРЕЛАШТВО, ПО ЗЛАТОТО НА ОЛИВЕРА НАКОВСКА-БИКОВА НА ЕП 2022
Македонската параолимпијка, стрелачката Оливера Наковска-Бикова, блесна на Европското првенство (ЕП) со воздушен пиштол во норвешкиот град Хамар, освојувајќи го златниот медал во дисциплината од 10 метри. Ова за неа е седмо учество на ЕП, а второ злато по она во Данска во 2001 година. Своето задоволство од постигнатиот успех не го криеше нејзиниот тренер и селектор на македонската параолимписка репрезентација, Бранимир Јовановски.
– ЕП е едно од планираните престижни првенства на кое беше планиран настап на македонскиот параолимписки тим во почетокот на новиот циклус за Параолимписките игри во 2024 година. По тридневните завршни подготовки во Охрид, на кои ги дефиниравме формата и тактиката на секој од нашите тројца спортисти за настап во Хамар, очекував влез во финале и барем еден освоен медал. Моите прогнози се обвистинија, Наковска-Бикова влезе во финалето и освои златен медал. На младиот Александар Јовановски му недостигаше само еден круг, па и тој првпат да влезе во едно големо финале. Тој е исклучително квалитетен и во иднина од него очекувам големи резултати. Ванчо Каранфилов заврши на 19-то место. Токму Ванчо и Оливера денеска ќе настапат во новата натпреварувачка дисциплина микс-тим, има пријавено четири екипи, па реално и тука очекувам да влезат во борба за еден од медалите – вели Јовановски.
Македонските параолимпијци годинава ќе имаат и други настани на патот кон најзначајниот настап на Параолимписките игри (ПОИ) во Париз.
– Македонските параолимпијци по ЕП ги очекува настап на Светскиот куп во Франција во јуни, со што почнуваат квалификациите за ПОИ. Во јули следува настап во Минхен и потоа на СП во Ал Аин, ОАЕ во ноември, од каде што очекувам освојување директна норма за ПОИ 2024 – вели Јовановски.
Наковска Бикова – колекционерка на медали
Оливера Наковска-Бикова во досегашна спортска кариера освои мноштво медали. Таа е носителка на златен медал со светски и параолимписки рекорд од Параолимписките игри (ПОИ) во Лондон во 2012 година. Учествувала на пет ПОИ и на сите се пласирала во финалето. Учесничка е на шест светски првенства, на кои освои три сребрени и еден бронзен медал во поединечна и по еден сребрен и бронзен медал во екипна конкуренција. Настапила на седум европски првенства и се закитила со две злата (2001 и 2022 година) и три сребра во поединечна и две сребра и четири бронзи во екипна конкуренција. Таа е носителка на над 20 медали од европските купови и од други меѓународни првенства, повеќекратна државна шампионка и апсолутна македонска рекордерка во дисциплината воздушен пиштол, најдобра спортистка на Македонија за 2012 година…