Стратегиското партнерство помеѓу САД и Македонија повеќепати досега е потврдено во многу области во минатото. Во моментов Македонија трпи сериозни последици врз својата економија поради воените случувања во Украина. Откако Брисел јасно порача дека не можеме да се надеваме на финансиска помош од Унијата и користење на нивните компензациски фондови, сега сите погледи се свртени на друга страна. Можат ли САД, како наш докажан стратегиски партнер, финансиски да помогнат и да нѐ спасат од колапс? Зашто не залудно народот вели дека пријателите на мака се познаваат

ОГРОМНАТА ФИНАНСИСКА ПОМОШ ОД САД ЗА УКРАИНА КАКО ПОВОД

Неодамна американскиот претседател Џо Бајден потпиша закон со кој САД на Украина ќе ѝ доделат 13,6 милијарди американски долари за справување со последиците од војната, што претставува сериозна финансиска инјекција во овие исклучително тешки времиња за Украинците.
Македонија, иако целосно се придружи на санкциите што ЕУ ги наметна кон Русија, сепак не беше вклучена во европските компензациски фондови од кои земјите-членки на Унијата ќе бидат обесштетувани поради штетите што нивните економии ги трпат од санкциите. Сега земјата е препуштена сама да се справува со кризата и дополнително да се задолжува. Во вакви околности, сега сите погледи се свртени на друга страна. Можат ли САД, како наш докажан стратегиски партнер, финансиски да помогнат и да нѐ спасат од колапс. Зашто не залудно народот вели дека пријателите на мака се познаваат.
– Македонија и Албанија се две земји во регионот што стопроцентно се усогласени со санкциите на ЕУ против Русија, за што Европската Унија е многу благодарна – порача портпаролот на ЕУ, Петер Стано, појаснувајќи дека целни финансиски компензации за земјите-кандидати не се на маса.
Значи, освен благодарност, од ЕУ не треба да очекуваме ништо повеќе.
При едни вакви околности, се наметнува дилемата дали САД како наш стратегиски партнер би можеле да ѝ помогнат на Македонија барем со една милијарда долари и економски да го оживеат својот сојузник во тешкиот период што следува, кога ЕУ не го прави тоа.

Неоспорно е дека САД и досега во повеќе наврати ѝ помагаа на Македонија преку разни проекти, но ова сега секако би бил соодветен момент на најдобар начин да се зацементира тоа стратегиско партнерство со помош од, да речеме, една милијарда долари во кризно време, што македонските граѓани особено ќе знаат да го ценат, како што и досега безрезервно ја ценеле секоја американска помош.
Нашите политичари често знаат да кажат дека ЕУ нема алтернатива, но, напротив, гледаме дека Европа ниту испорачува, ниту, пак, се држи до сопствените принципи, така што кога нема пари од европските компензациски фондови, можеби треба да се побараат од американските.
Економските аналитичари сметаат дека една ваква финансиска помош дефинитивно ќе помогне во овие критични времиња, под услов правилно да се искористат парите.
– Искрено, не очекувам никој да ни даде милијарда долари. Но, еве, да претпоставиме да ни дадат. Како сума, тоа е некаде седум-осум отсто од нашето БДП. На пример, штетата што ние ја трпиме од пандемијата во двете години, 2020 и 2021, е нешто над 800 милиони евра. Да не беше пандемијата во овие две години, БДП ќе беше повисок за 800 милиони евра. Ако ни дадат милијарда долари, несомнено тоа ќе биде голема финансиска инјекција, која ќе овозможи да се интервенира во повеќе сектори, за социјално загрозените, да се спасат повеќе работни места и да се направат компензации на увозните цени на двете групи на производи, енергија и храна, за ефектот на инфлацијата да биде понизок – вели поранешниот гувернер на Народната банка, Петар Гошев.
Тој додава дека легитимно е да се разговара и со Американците за помош, бидејќи македонската економија нема сила сама да се справи со ваквите шокови.
– Ние може да се обратиме до Американците за помош, може нашите да разговараат за тоа, но тешко е да се поверува дека некој ќе ни даде толку пари – појаснува Гошев.
Според него, Македонија треба да се држи до принципите на моралот и етиката во целата ситуација и да не тргува со нив, туку како мала земја, која е помалку издржлива на ваквите шокови, за разлика од некои земји-членки на ЕУ, единствено врз таа основа да побара некакви компензации за штетите што ги трпи.

За Горан Рафајловски, стопанственик, дури и да ѝ бидат дадени една милијарда долари на Македонија, тие ќе се потрошат непродуктивно.
– Една милијарда долари реално малку ќе ѝ помогнат на македонската економија. Ние немаме никаква стратегија, така што милијардата нема за ништо да ни служи. Двете најголеми политички партии не ги интересира земјава, туку како да ги добијат следните избори. Парите од таа милијарда, кога некој би ни ја дал, ќе ги потрошат на купување социјален мир, на зголемување пензии, на зголемување на бројот на административци и за нивната плата, а со единствена цел да ги добијат изборите. Со тоа уште повеќе ќе ја доведат државата во бездна – вели Рафајловски.
Тој уште додава дека наместо да се надеваме на милијарда од САД или помош од фондовите од ЕУ, подобро сета енергија да се насочи на зачленување на земјава кон Европската економска заедница и да се пристапува до тие фондови.