Овој четврток, во 20 часот, оркестарот на Филхармонијата ќе одржи концерт насловен „Сеќавање на Б.Б.“, на кој како солист на флејта ќе настапи Матеј Јоакимеску од Романија, а диригент е маестро Габриел Бебешелеа. На програмата се дела од современата музика – за првпат ќе прозвучат „Кантус во сеќавање на Бенџамин Бритн“ од Арво Перт и Концертот за флејта и оркестар на Дојна Ротару, а светска премиера ќе доживее Концертот за алт-флејта и гудачи бр. 2 од финскиот композитор Калеви Ахо.
„Кантус во сеќавање на Бенџамин Бритн“ (1977) е композиција од естонскиот композитор Авро Перт, напишана по смртта на англискиот композитор Бенџамин Бритн.
Калеви Ахо (1949) е фински композитор, кој во своето творештво има дела напишани во различни стилови – од неокласицизам до модернизам и постмодернизам. Поради неговата „иронична“ употреба и мешањето на различни стилови и жанрови во музиката што ја пишува, го споредуваат со Густав Малер и Алфред Шнитке.
Дојна Ротару има уникатен и препознатлив стил, кој е изграден на архетипска естетика, која ги комбинира звуците и боите од романскиот фолклор.
Матеј Јоакимеску е еден од најпознатите романски флејтисти. Публиката и критиката ги оценуваат неговите настапи како „авантуристички и восхитувачки“.
Јоакимеску е дипломец на Универзитетот за музика и изведувачки уметности во Виена, во класата на проф. Барбара Гислер-Хасе. Добитник е на многу интернационални награди. Многу композитори пишуваат дела специјално за него, а едно од нив е и Концертот за алт-флејта и гудачи од Калеви Ахо, кој премиерно ќе прозвучи на вечерашниот концерт.
Матеј Јоакимеску е уметник што ги освојува нашите срца со својата силна енергија, со суптилниот израз и исклучителната сензитивност. Тој е многу талентиран и харизматичен музичар – вели за него композиторот Калеви Ахо.
Маестро Габриел Бебешелеа е шеф-диригент на оркестарот на Филхармонијата. Неговата музичка репутација брзо почнала да расте по воодушевувањата на критиката и публиката, за неговата исклучителна музикалност и ентузијазам со кои ги предводи оркестрите. Една од големите пасии на Бебешелеа е да работи со млади музички уметници. Од 2011 година, тој е главен диригент на Молдавскиот национален младински оркестар, а редовно работи и со Романскиот младински оркестар. Дипломира оркестарско диригирање во 2010 година со кум лауде, на Музичката академија во Клуж-Напока. Две години подоцна магистрира на Националниот музички универзитет во Букурешт, а потоа и докторира на истиот универзитет. Моментно живее во Виена, каде што ги заврши постдипломските студии на Универзитетот за музика и изведувачки уметности.