Меѓу активностите на кои Кинотеката е особено горда e издавањето на „Кинопис“, периодичното списание за историја, теорија и култура на филмот и другите уметности, кое излегува единечно или како двоброј, од еднаш до двапати годишно. Држејќи чекор со дигиталната ера и дигитализацијата, Кинотеката на својот сајт ги има приложено и дигиталните верзии на изданијата од првиот број до бр. 55-56 за широката филмска публика, како и за сите проучувачи и проследувачи на филмот и филмската култура кај нас.
Во декември 2021 година од печат излезе најновото, овој пат и јубилејно издание на списанието, бр. 59-60. По тој повод, на 18 март (петок) во киносалата на Кинотеката, со почеток во 12 часот, ќе се одржи презентација на овој број на списанието, со што ќе се одбележи јубилејното 60. издание на „Кинопис“.
– Списанието е природен наследник на кинотечниот магазин „Кинотечен месечник“ (кој излегува од 1977 до 1987 година), чии изданија во македонската филмска историја и теорија имаат статус на своевидни филмски тетратки, по урнекот на легендарниот магазин за филм, основан во 1951 година во Париз. Еден од основачите е Андре Базен, филмски критичар и теоретичар со светско реноме, за кого се смета дека имал пресудно влијание во лансирањето на францускиот нов бран – велат од Кинотеката.
Првиот број на списанието излезе во 1989 година.