Правните експерти се категорични дека повикот за учество на македонски доброволци во војната во Украина е практично повик за правење кривично дело. Одредбите на Кривичниот законик се јасни и во нив е нагласено дека за македонските граѓани што ќе учествуваат во странски војски е предвидена казна од најмалку четири години затвор, додека „тој што спротивно на закон создава, организира, регрутира, превезува, организира превоз, опремува, обучува или на друг начин подготвува лице или група за учество во странска војска, полиција, паравоени или параполициски формации, организирани групи или поединечно, надвор од територијата на Република Македонија, ќе се казни со затвор од најмалку пет години“

ПОВИКОТ ЗА РЕГРУТИРАЊЕ ДОБРОВОЛЦИ ОД МАКЕДОНИЈА КРИЕ МНОГУ ПРАВНИ ЗАМКИ

Рефлексиите во Македонија од веќе двонеделниот руско-украински воен судир отворија дебата за видот на помошта што земјава може да ја упати како поддршка за жртвите на војната, а притоа да биде во рамките на меѓународното воено право. Сериозен предизвик во сите дилеми по тоа прашање создаде повикот на официјалниот твитер-профил на украинската амбасада во Скопје, со кој се бара учество на граѓани од Македонија во Меѓународната легија, нова воена формација во украинската војска, наменета за територијална одбрана на Украина. Поставени се и броеви и мејл-адреси за пријавување доколку македонските граѓани сакаат да учествуваат во воената формација, за да ѝ помогнат на Украина. Во врска со ваквиот повик во јавноста се наметнуваат и сомневања дали можеби профилот е хакиран, односно не е веродостоен. Инаку, овие информации доаѓаат по најавата на украинскиот претседател, Володимир Зеленски, од минатата недела дека сите што сакаат да ѝ се приклучат на Меѓународната легија за борбата против Русија можат да го сторат тоа без виза. Но колку ваквиот повик за вклучување доброволци од Македонија во воени дејства во друга држава е во согласност со домашните и меѓународни правни акти?
Контроверзноста на ваквиот повик на украинската амбасада во земјава е во тоа што имплицира активности спротивни на Кривичниот законик на Македонија. Имено, во Македонија е казниво дело учество во странска војска. Тоа е спротивно на членот 322-а од Кривичниот законик, кој забранува учество на државјани на Македонија во која било војска или друга странска воена или полициска формација. Со промените на Кривичниот законик, во септември 2014 година, оние што учествуваат во странски воени формации ќе бидат казнети со најмалку четири, односно пет години затвор. За македонските граѓани што ќе учествуваат во странски војски е предвидена казна од најмалку четири години затвор, додека „тој што спротивно на закон создава, организира, регрутира, превезува, организира превоз, опремува, обучува или на друг начин подготвува лице или група за учество во странска војска, полиција, паравоени или параполициски формации, организирани групи или поединечно, надвор од територијата на Република Македонија, ќе се казни со затвор од најмалку пет години“. Овие промени се направени за да се спречи екстремизмот, односно учеството на нашите државјани во војните на Блискиот Исток, Сирија или Ирак, т.е. да се спречи нивното приклучување на различни воени формации како ИСИС.

– Без разлика со каква причина е донесен законот со кој се забранува учеството на македонски граѓани во странски војски, тој е во сила за сите случаи. Не може во закон да биде наведена квалификација „пријателски“ или „непријателски“ војски. Со оглед на важечкиот закон во Македонија, учеството во странски војски е кривично дело. Треба внимателно да се разгледа дали повикот на украинската амбасада во земјава на некој начин го допира овој закон. Амбасадата можеби има дипломатски имунитет, но не може да повикува македонски граѓани на кривично дело. Активна поддршка од овој вид од страна на Македонија за Украина, никако не е мудар потег – вели универзитетскиот професор по кривично право Гордан Калајџиев.

Готдан Калајџиев / Фото: Маја Јаневска-Илиева

Според меѓународното воено право, за борци се сметаат сите што носат ознака, униформа и се под една команда на војската на една држава. Учеството на странци во одредена војска не е непознато, но и тоа е регулирано со меѓународното воено право.
– Од аспект на Украина, повикот за помош од борци од други земји е легитимен потег. Дури и апелот на социјалните мрежи на украинската амбасада мислам дека е во рамките на нивните дипломатски ингеренции. Но властите во Македонија треба да ги упатат и предупредат македонските граѓани дека учеството во странски војски е казнено дело во нашата држава. Освен тоа, Македонија не е страна во конфликтот и со таков статус може да дава помош на жртвите на меѓународен воен судир. Но помош со воени средства, или воени единици со наши ознаки, веќе би значело заземање страна. Евентуалните доброволци од Македонија што би се осмелиле да заминат во Украина тоа би го правеле на нивна одговорност.

Но немаме информации како би биле интегрирани во воените единици во Украина. Доколку не бидат со ознаки и униформи на украинската војска, неизвесен е нивниот третман во случај да бидат заробени од спротивната страна. Во таква ситуација, неприменливо е меѓународното воено право, а Русија веќе најави дека таквите случаи ќе ги третира како отпадници, или криминалци. Дури и да бидат вратени во Македонија, ќе бидат судени за кривично дело учество во странски војски – вели Оливер Андонов, професор на Воената академија.

Оливер Андонов / Фото: Маја Јаневска-Илиева

Македонското МНР, до затворањето на денешниот број на весникот, немаше официјална реакција на апелот на украинската амбасада во земјава, но министерот Бујар Османи, во едно медиумско гостување изјави дека „учеството во војната во Украина е забрането со закон и секој што ќе оди ќе биде санкциониран“.


Украински воен пасош за доброволците

Украинскиот заменик-министер за внатрешни работи, Јевхен Џенин, изјави дека странските државјани што доброволно ќе се борат за Украина, а се споменува бројка од 16.000 доброволци, „ќе имаат право на украинско државјанство“.
Украина формира меѓународна легија за територијална одбрана составена од странци што сакаат да му се приклучат на отпорот против руските агресори и да ја одбранат глобалната безбедност. Овие луѓе ќе потпишат договор, ќе добијат воен пасош, кој потоа ќе им ја замени дозволата за престој. Во иднина, ако некој од овие странски државјани сака да стане украински државјанин, нашето законодавство ќе му го дозволи тоа – рече Џенин.