Претседателството на Македонската академија на науките и уметностите го осуди загрозувањето на територијалниот интегритет и суверенитет на Украина и повика на толеранција и почитување на човековите права. Изразува и силна морална поддршка до Украинската академија на науките. Обраќањето на МАНУ до Украинската академија на науките го пренесуваме во целост.
Повикувајќи се на Повелбата на Обединетите нации, а особено од деловите кои се однесуваат на зацврстување на нашите верувања во темелните права на човекот, во достоинството и во вредноста на човечката личност, во рамноправноста меѓу мажот и жената како и на сите нации, големи или мали, тргувајќи од Универзалната декларација за човекови права, а особено Членот 3 според кој „Секој има право на живот, слобода и сигурност, најостро осудувајќи го загрозувањето на територијалниот интегритет и суверенитет на Украина, Претседателството на Македонската академија на науки и уметности повикува на толеранција, заеднички соживот во мир и почитување на човековото достоинство и права. Се залага за исклучување на секакво насилство и решавање на сите спорови по мирен пат и изразува силна морална поддршка до Украинската академија на науки и украинскиот народ.