За некој час на граничниот премин Табановце ќе пристигне група Македонци со семејствата од Украина меѓу кои е и семејството со новороденчето кое не можело да одговори на повиците за евакуација поради породувањето, соопшти министерот за надворешни работи, Бујар Османи. Оваа група е дел од вкупно 43 Македонци кои се во активна евакуација.
– По инвазијата 43 наши граѓани се во активна евакуација, ги напуштиле своите живеалишта и се на пат да излезат од Украина. Од нив 25 се надвор од Украина, во околните земји, Полска, Молдавија, Романија, Чешка и така натаму, додека 18 се уште се во Украина меѓутоа патуваат кон границата на Украина со соседните земји и се во безбедни конвои. 38 граѓани се се уште во нивните живеалишта во Украина, 11 се во Киев, 7 се во Запорожје и 2- се по други градови во Украина. Од овие 38 дел се наши дел се украински државјани. Има дел наши граѓани кои и покрај тоа што излегоа од Украина и се Полска, решија да останат таму за при прва прилика повторно да се вратат во Украина бидејќи не сакаат да се оддалечат од нивните живеалишта. Има граѓани кои тука веќе немаат ништо освен државјанството. Дел од нив не ги напуштија живеалиштата во Украина, а дел останаа во соседните земји – вели министерот Османи.
Минатата недела во Украина се врати македонскиот амбасадор, кој беше меѓу првите евакуирани поради загрозената безбедност. Сега ќе работи во романскиот конзулат во Украина, од каде ќе помага за евакуација на Македонци.
– Минатата недела одлучивме да испратиме дипломатска мисија во Украина со цел да помогнат, односно да ја олеснат евакуацијата на нашите граѓани. Во состав на делегацијата се нашиот амбасадор во Украина, искусен конзуларец и локалец, Украинка која беше евакуирана во Скопје заедно со вработените во нашата амбасада. Тие се вратија и се наоѓаат во моментов во ромаскиот конзулат во Украина и помагаат во олеснување на евакуацијата. Во овој процес на евакуација е вклучен цел тим овде во Министерството за надворешни работи, нашата Амбасада во Букурешт, нашата Амбасада во Варшава, нашите почесни конзули исто така ги ангажиравме да помогнат, да олеснат – рече министерот Османи.
Министерството за надворешни работи од почетокот на кризата во Украина мапирало 120 Македонци со семејствата, од кои дваесетмина се вратија пред почетокот на инвазијата на 24 февруари.