Сѐ уште не е јасно како е убиен членот на украинската делегација во мировните преговори со Русија, Денис Киреев Борисович, со што се појавија повеќе теории поврзани со случајот.
Украинските медиуми во саботата објавија дека Киреев, член на делегацијата на Киев во првите преговори со Русија минатата недела, бил убиен откако бил уапсен од Службата за безбедност на Украина. Беше објавено дека тој наводно е обвинет за шпионажа, при што дел од медиумите тврдеа оти тој наводно им оддавал тајни информации на Русите.
Генералниот директорат за разузнавачки работи (ГУР) на Министерството за одбрана на Украина потврди дека Киреев починал „за време на специјална задача“. Таа информација е објавена завчера на фејсбук-страницата на Генералниот директорат за разузнавање на Министерството за одбрана на Украина.
Михаил Подолјак, советник на началникот на кабинетот на украинскиот претседател Володимир Зеленски, изјави дека убиството на Киреев нема никаква врска со работите на делегацијата, пренесува „Телеграф“.
– Пукањето нема врска со работата на делегацијата. Беше надвор од преговарачкиот процес, беше во Киев и таму избувна еден вид конфликт – рече Подолјак, кој не објасни за каков конфликт се работи.
По една и пол недела војна, Украина и Русија се очекува да се сретнат на третата рунда преговори, за кои двете страни рекоа дека може да се одржат денеска. Локацијата и точното време на разговорите првично не беа соопштени.
Двете делегации последен пат се состанаа во регионот Брест во западна Белорусија на две рунди мировни преговори и се договорија да има хуманитарни коридори за градовите Мариупол и Волноваха за да се олесни евакуацијата на цивилите. Сепак, обидот за евакуација на Мариупол не успеа вчера, соопштија од Кремљ и Меѓународниот комитет на Црвениот крст (МКЦК). Русија и Украина ја разменија вината за непридржување кон договорениот прекин на огнот.