Германскиот специјален пратеник за Западен Балкан, Мануел Сарацин, дециден
Штотуку избраниот германски специјален пратеник за Западен Балкан, Мануел Сарацин, даде интервју за „Франкфуртер алгемајне цајтунг“, во кое зборуваше за политиката на Германија кон Западен Балкан и особено за можностите за зачленување во Европската Унија. Сарацин притоа изјави дека тоа што германската влада првпат ја воведува оваа функција е најдобар доказ дека политиката на проширување на ЕУ и соработката со Западен Балкан ќе бидат еден од нејзините надворешнополитички приоритети во наредните години.
Во интервју, Сарацин прецизира дека таквата позиција е „долго планирана и не настанала како одговор на руската инвазија на Украина“ и дека германската влада има намера да му „посвети најголемо внимание на Западен Балкан, и покрај конфликтот“.
Тој притоа додаде дека верува во процесот на пристапување на земјите од Западен Балкан во Европската Унија.
Треба сега брзо да го зајакнеме тој процес, за конечно да постигнеме напредок. Моја задача е да покажам дека Германија ќе го поддржи тоа со уште поголем ангажман – изјави Сарацин.
Според него, има интересна дебата меѓу експертите дали може да се забрзаат одредени чекори во процесот на пристапување во ЕУ или може да се воведе „брза патека“.
Но таквите идеи не смеат да доведат до слабеење на процесот на пристапување на крајот и да се зборува за привилегирано партнерство на крајот. Исклучително е важно ЕУ да остане посветена на процесот на пристапување, чија цел е полноправно членство, бидејќи тука не се работи само за економска интеграција туку за пристапување во ЕУ како заедница на вредности – рече Сарацин.
Тој оцени дека перспективата за членство во Унијата и натаму е најмоќниот инструмент за поттикнување на мирните реформски процеси во регионот и оти „не треба да се откаже од таа алатка“.