Европската комисија денеска предложи активирање на Директивата за привремена заштита на украинските бегалци, со која се овозможува издавање дозволи за престој, право на работа, социјална и здравствена заштита и образование.
-Европа стои до оние на кои им е потребна заштита. Секој што бега од бомбите на Путин е добредојден во Европа. Ќе обезбедиме заштита за оние кои бараат засолниште и оние кои бараат безбеден пат до дома – изјави шефицата на ЕК, Урсула фон дер Лајен.
Сите граѓани на Украина и лицата кои се населиле во Украина, како и членовите на семејствата на прогонетите ќе имаат право на заштита низ Европската унија.
Неукраинските државјани, лицата без државјанство кои легално престојуваат во Украина и не можат да се вратат во нивните земји на потекло, како што се барателите на азил и оние на кои им е одобрена меѓународна заштита и членовите на нивните семејства, исто така ќе можат да добијат заштита во Европската унија.
Според оваа Директива, оние кои легално живеат во Украина и можат да се вратат во своите земји нема да можат да добијат заштита во ЕУ.
За предлогот утре ќе разговараат министрите за внатрешни работи на земјите-членки, а штом ќе бидат одобрени украинските бегалци, тие ќе можат да останат во ЕУ една година, која може да се продолжи на три години, освен ако ситуацијата во Украина се подобрува.
-Секој кој ќе бега од војната ќе има безбеден статус, пристап до училишта, медицинска нега, ќе може да работи – рече потпретседателот на ЕК, Маргаритис Схинас, додавајќи дека Комисијата ќе работи на тоа да им олесни на бегалците и нивните миленици да го преминат преку граница.
Сите бегалци од Украина ќе можат да си ги земат личните работи без никакви царини.
Директивата за привремена заштита беше донесена во 2001 година и никогаш не беше активирана. Директивата беше усвоена за да се обезбеди итна заштита на оние на кои им е потребна и да се избегнат комплицираните системи за азил.
Од почетокот на воениот конфликт во Украина, над 650.000 луѓе избегаа во соседните земји-членки на ЕУ.