Со оглед на тоа што продолжува воената акција во Украина, многу држави, вклучувајќи ги Германија и неутралната Шведска, почнаа да испраќаат или планираат да испратат воена помош

Во големата промена од долгогодишната политика на Берлин за забрана на извоз на оружје во конфликтните зони, Германија неодамна објави дека ќе ѝ достави на Украина 1.000 противтенковски оружја и 500 проектили земја-воздух од типот „стингер“ од резервите на нејзината војска. Европската Унија исто така се согласи да обезбеди околу 500 милиони евра вооружување и друга помош за украинската војска, потег што блокот го опиша како „пресвртница“ во својата историја. Унијата ќе користи вонбуџетски финансиски инструмент наречен „Европски мировен фонд“, со максимален износ од пет милијарди евра, кои ќе може да се користат за обезбедување воена помош.
Од другата страна на Атлантикот, САД ја зголемија својата тековна воена помош за Украина, одобрувајќи до 350 милиони долари за да помогнат во зајакнувањето на одбраната на Украина, што ќе вклучува „понатамошна смртоносна одбранбена помош“.