Речиси истовремено со вжештувањето на украинскиот спор, медиумите ги заборавија своите темелни принципи и постулати на новинарството, како објективност, вистинитост, проверка на информацијата, јавен интерес, и преминаа во сферата на „навивачко новинарство“, правдање на потезите на едните или на другите и лиферување тенденциозни информации и лажни вести. Објективните, професионални медиуми се поделија на „медиуми на едните и медиуми на другите“. А, всушност, „медиумите од двете страни“ беа преплавени со анализи и разузнавачки процени, графикони за распоредување моќ…, но такви што не поминале низ професионалната новинарска призма

Информативната војна за Украина кулминира

Никогаш во долгата историја на ривалството меѓу САД и Русија, ниеден потег на овие два ривали, не бил толку медиумски видлив како во конфликтот во Украина. Тајни планови, сателитски снимки, хеликоптери, стратегиски бомбардери, тенкови, балистички ракети, оклопни транспортери, колони возила на патиштата, носивост со воена опрема на аеродромите – беа фотографии објавувани непрестано во медиумите и на социјалните мрежи. Цунами од информации, без разлика дали се точни или лажни, во деновите пред почетокот на конфликтот ги преплавија Европа и светот, најавувајќи ја неизбежноста на избувнувањето на најголемиот конфликт во Европа од крајот на Втората светска војна или најголемата криза во односите меѓу двете земји од Кубанската ракетна криза во 1962 година.

Наместо објективни медиуми, тие стануваат „медиуми од едната и медиуми од другата страна“

Речиси истовремено со вжештувањето на украинскиот спор, медиумите ги заборавија своите темелни принципи и постулати на новинарството, како објективност, вистинитост, проверка на информацијата, јавен интерес, и преминаа во сферата на „навивачко новинарство“, правдање на потезите на едните или на другите и лиферување тенденциозни информации и лажни вести. Објективните, професионални медиуми се поделија на „медиуми на едните и медиуми на другите“. А, всушност, „медиумите од двете страни“ беа преплавени со анализи и разузнавачки процени, графикони за распоредување моќ…, но такви што не поминале низ професионалната новинарска призма.
Имено, новиот феномен, според експертите за медиуми, е што бранот на безбедносни информации, лиферувани преку медиумите и социјалните мрежи, е дел од новата информативна стратегија на Вашингтон. Таа стратегија е сосема различна од досегашната, во која со децении одредени безбедносно чувствителни информации внимателно беа отстранувани од очите на јавноста. Новата информативна стратегија на Вашингтон се тестира само неколку месеци по изненадувачки брзиот пад на Кабул и процените, кои се покажаа залудни, дека авганистанската армија може да му се спротивставува на притисокот на талибанците со месеци наместо неколку недели.
„Бројот, зачестеноста и деталите на необработените разузнавачки информации што се објавуваат се без преседан“, напиша поранешниот функционер на Централната разузнавачка агенција Даглас Лондон за „Форин аферс“.
Главен креатор на новата стратегија на Вашингтон, според магазинот „Њујоркер“, е советникот за национална безбедност Џејк Саливан, кој во неколку настапи на американските телевизиски мрежи потенцијалната инвазија на Украина ја нарече катастрофа. Саливан беше и првиот американски функционер што тврдеше дека инвазијата е прашање на време, што подоцна, како лајтмотив на медиумските настапи, го презедоа сите челници на администрацијата во Вашингтон.
Нападот првично беше најавен за 16 февруари, за постепено да се одложува, што Русите го протолкуваа како доказ за очигледна медиумска манипулација, додека Американците триумфално објавија дека обелоденувањето на плановите го одвратило рускиот претседател Владимир Путин да го започне нападот.

Украинците ја обвинијановата информативна стратегија на Вашингтон дека шири глобална паника

Украинците ги обвинија медиумите што ја презедоа реториката од новата информативна стратегија на Вашингтон, дека шират паника, но и дека создаваат непоправлива финансиска штета, тврдејќи дека тезите за неизбежноста на конфликтот ги чинат властите во Киев најмалку две милијарди долари месечно.
Во суштина, информациската војна на новата генерација започна кон крајот на ноември, кога Американците ги објавија првите процени дека има околу 70.000 руски војници и многу опрема во близината на границите на Украина. Со текот на времето, бројот на руски војници во регионите од кои лесно можеа да стигнат до Украина достигна речиси 200.000, а тврдењата беа придружени со процени дека конфликтот, доколку навистина избие, може да ги чини живот најмалку 50.000 луѓе и околу пет милиони бегалци. За разлика од Кабул, кој, според американските разузнавачи, би можел да ги издржи нападите на талибанците со месеци, падот на Киев беше најавуван за само неколку дена.
Во исто време, Американците тврдеа дека руските платеници, со помош на разузнавачките служби, се подготвени да формираат целосно нова влада во Украина и да се подготват преку сценарија што ќе ја отворат вратата за интервенција во делови од Украина. Руската страна возврати со најава за наводен бран платеници од БиХ, Албанија и Косово, како и бомбардирања и напади со хемиско оружје врз цели во Донецк и Луганск.
Нешто подоцна, властите на самопрогласената Народна Република Донецк уапсија наводен агент на украинската разузнавачка служба, кој им ги откри своите планови за насилна окупација на Донбас. Американците одговорија со тврдење дека Русија е одговорна за сајбер-напади насочени кон украинското министерство за одбрана и големи банки. И така до недоглед, објавите во медиумите некритички ги прифаќаат сите сервирани информации „од официјални и неофицијални извори“.

Медиумска војна и медиумско слепило

За жал, на овој неубав пример уште еднаш се судираме со старото правило дека на информациите треба да им приоѓаме крајно сериозно. И луѓето што ги создаваат, а и оние што ги консумираат. Медиумската војна се води не само во регионите зафатени со некакви воени дејства или конфликти туку буквално насекаде. Се пласираат дезинформации дури и за најбанални настани или појави, само и само да му се угоди на некој нарачател на таквата содржина, која, пак, ќе биде злоупотребена во којзнае какви цели. Токму затоа е неопходно да имаме крајно сериозен пристап, што бара внимателно читање на секоја информација што се однесува на нешто проблематично.
Медиумската војна се води насекаде околу нас. Колку ќе ги препознаеме лажните вести, дезинформациите или пропагандните памфлети, тоа зависи од нас самите. Колку побргу и подобро научиме правилно да им приоѓаме на информациите со кои секојдневно нѐ бомбардираат, за толку се намалуваат шансите да станеме жртви на таа медиумска војна.