Во Италија се забележани повеќе од една илјада напади врз политичарите во периодот помеѓу 2013 и 2015 година, со што Џанмарко Даниеле го истражуваше деструктивниот ефект од стратешкото политичко насилство врз политичкиот живот во државата, пренесува интернет-порталост „Локал“.
Според студијата за политичко насилство во Италија, мафијата често им се заканува на политичарите за да ги добие државните договори за спроведување градежни работи, расчистувањето на отпадот и другите јавни услуги кои носат добра заработка.
Политичарите кои ги загрозуваат бизнис-интересите на мафијата можат да се најдат во опасност. Физичките напади, труењето со арсен и заканите се омилени тактики на мафијата. Овие злосторства опфаќаат 70 отсто од забележаниот 1.191 напад во Италија помеѓу 2013 и 2015 година. Но, водечките политичари не беа цели на нападите, бидејќи на тој начин ќе привлечеа внимание кон криминалците. Најчесто страдаат локалните власти, односно градоначалниците, кои беа нападнати 310 пати, според податоците од студијата. Политичкото насилство се случува почесто по локалните избори, со што има 25 отсто поголеми изгледи за напади во периодот од четири недели по изборот на нов градоначалник.
Забележано е и присуство на поквалификувани кандидати во регионите каде што мафијата нема големо влијание. Од друга страна, кога насилството е во пораст, многумина кандидати се откажуваат од политичката трка, а насилството го попречува изборниот процес.
Другите политичари, пак, се корупирани и ја делат заработката со мафијата. Италијанската полиција токму затоа ги распушти градските совети во 266 градови помеѓу 1991 и 2018 година, поради поврзаноста со организираниот криминал.