ШАХ – ИНТЕРНЕТ-СЕРИЈА НА ШАМПИОНИТЕ
Светскиот првак, Норвежанецот Магнус Карлсен (2.865 рејтинг-поени), и Русинот Јан Непомнијашчи (2.773) повторно ќе играат во едно финале, по она лани во Дубаи за титулата светски првак во класичен шах. Сега ќе се сретнат во финалето на првиот интернет-турнир во забрзан шах од серијата во шаховската турнеја на шампионите, која се играше и лани (сега за награден фонд од 1,6 милион долари, лани за 1,5), кога победи Карлсен. Во полуфиналето, Непомнијашчи го победи Русинот Андреј Есипенко (рејтинг 2.714) со 2,5-0,5, а Карлсен победи на мечот со Русинот Владислав Артемиев (2.700) со 2,5-0,5. Турнејата на шампионите е водечка онлајн шаховска турнеја во светот во брз шах, која го одредува најдобриот светски шахист во текот на целата онлајн сезона, која почнува во февруари, потоа следуваат месечни турнири и финале во ноември.