Собранието со 90 гласа „за“, без ниту еден „воздржан“ или „против“ денеска ги изгласа измените на Законот за минимална плата, кои треба да овозможат нејзино покачување од сегашните 15.200 денари на 18.000 денари.

Со ова е исполнето барањето на синдикатите кои инсистираа на итно зголемување на минималната плата поради повисоките животни трошоци и фактот што две минимални плати се малку за да се покрие синдикалната потрошувачка кошничка.

Проценките се дека околу 80.000 работници во државата со мартовската исплата во април ќе земат зголемена минимална плата. Зголемувањето на минималецот ќе биде потпомогнато од страна на државата која ќе одвои 16 милиони евра од Буџетот до крајот на годината за исплата на разликата во придонесите.

Со законските измени се менува и методологијата за годишното усогласување на минималната плата, односно усогласувањето ќе се врши според следните критериуми – 50 проценти од годишниот раст на просечната плата и 50 проценти од трошоците за живот, а висината на минималната плата не смее да биде пониска од 57 проценти од просечната плата.

Предлог-измените на Законот за минимална плата беа доставени до Собранието откако по неколкудневни преговори на Економско-социјалниот совет на 7 февруари беше постигнат договор за зголемување на минималната плата на 18.000 денари.

И на денешното, како и на претходните продолженија на расправата за Предлог измените на Законот за минимална плата, можеа да се слушнат различни мислења од пратениците од партиите на власт и од опозиција.

За пратениците од владејачкото мнозинство со ова законско решение ќе се подобри животниот стандард на околу 80 000 работници кои земаат минимална плата, а како што оценија, добро е и тоа што е променета методологијата за годишното усогласување и што минималната плата нема да може да биде пониска од 57 проценти од просечната плата.

– Работниците и вреднувањето на нивниот труд се наш приоритет. Очекуваме ова законско решение да влијае позитивно и на останатите плати во другите индустрии, со што се подобрува стандардот на граѓаните. Од 2017 година имаме континуирано зголемување на минималната плата и тоа во 2017/2018 година на 12.000 ден, во 2019 година на 12.507 ден, во 2020 на 14.500 денари и во 2021 на 15.194 ден. Сега со новиот предлог од наредниот месец минималната плата ќе изнесува 18.000 денари за разлика од 2016 кога минималната плата изнесуваше 10.080 денари Со оглед на тоа дека методологијата е промената очекуваме и зголемување на продуктивноста на трудот – рече министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска.

Таа додаде дека со новото законско решение старите критериуми се заменети со два нови, според неа, поповолни критериуми со кои усогласувањето на минималнaта плата ќе биде: 50 отсто од порастот на просечно исплатената нето плата во земјава во претходната година и 50 отсто од порастот на индексот на трошоците на живот за претходната година, според податоците на Државниот завод за статистика. Третиот критериум е новина, со која висината на минималната плата нема да може биде пониска од 57 отсто од просечната плата објавена според Државниот завод за статистика.

Пратениците од опозицијата, пак, изразија жалење што не е прифатен нивниот амандман за скалесто зголемување на сите останати плати бидејќи инфлацијата, како што рекоа, влијае на животниот стандард на сите работници. Според нив, доколку се зголеми само минималната плата, а не и останатите плати, тогаш ќе дојде до урамниловка.

Собраниската седница продолжи со расправа по Предлог на закон за инспекциски надзор во животната средина, во прво читање.

Основни цели за донесување на овој закон повеќегодишно планирање на инспекцискиот надзор во животната средина со кое ќе се обезбеди, планирање на инспекцискиот надзор на целата територија на државата односно на централно и локално ниво преку донесување на Национална Стратегија и Програма за инспекциски надзор во животната средина, планирање засновано на воспоставени критериуми за процена на ризикот кој го имаат субјектите на надзорот врз животната средина, како и планирање на инспекциски надзор кој ќе биде во насока на спроведување на дефинираните цели и приоритети согласно стратешките документи во областа на животната средина и воедначено планирање и следење на реализацијата на инспекцискиот надзор на централно и локално ниво.

Со законот треба да се обезбеди и постојано и континуирано зајакнување на капацитетите на инспекторите на централно и локално ниво преку воспоставување на механизми за постојаност на кадрите особено на локално ниво како и планирање на потребите за стручно оспособување и усовршување на инспекторите согласно потребите за следење на спроведување на целите и приоритетите во планските документи за инспекциски надзор во животната средина.

Предложеното законско решение треба да овозможи воспоставување на соработка на инспекторите во животната средина на централно и локално ниво, надзор врз единиците на локална самоуправа во спроведување на инспекцискиот надзор во животната средина, но и допрецизирање и доуредување на одредени прашања кои се генерално уредени во Законот за инспекциски надзор.

Расправата по овој предлог-закон ќе продолжи по редовната едночасовна пауза.