Нов филм открива пикантни детали од животот на големиот синеаст

Првата суперѕвезда на 20 век, пионер на кинематографијата, еден од најголемите синеасти на сите времиња, икона на филмот, чудесен глумец во немата фаза на филмот… Овие и уште многу други нешта се наведуваат кога ќе се спомене името Чарли Чаплин. На големите платна во киносалите низ целиот свет почна да се прикажува новиот филм што говори за животот на британскиот режисер, глумец, сценарист и продуцент, еден од најголемите комичари на сите времиња. Филмските творци Питер Мидлтон и Џејмс Спини ги искористиле архивскиот материјал, конференциите за печат и интервјуата и во својот документарец го претставиле филмскиот великан со илјада лица, Чарли Чаплин. Во текот на неговата богата и успешна кариера го следеле контроверзии поради политичките ставови и наводите на таблоидите за неговите слабости.
Филмот со наслов „Вистинскиот Чарли Чаплин“ прикажува интересни детали од животот на филмската икона. Меѓу другото и дека се женел четири пати и оти наводно спиел со над 2.000 жени. Четири негови деца, од осумте што ги добил со сопругата Уна О’Нил, и самите ги кажуваат своите размислувања и ги споделуваат сеќавањата за својот татко.

Заминал за САД без банка во џеб

Сер Чарлс Спенсер Чаплин е роден во 1889 година во Ламбет, во јужен Лондон. Бил глумец без банка во џебот кога на 24 години отпатувал за Америка. Првпат се појавил на филм во февруари 1914 година, а веќе во наредниот се појавува во ликот на скитник што самиот го осмислил, со кој се прослави.
Неговиот дебитантски филм, кој самиот го режираше, „Фатен на дождот“, е прикажан во мај 1914 година и бил толку успешен што по него Чаплин самиот ги режирал сите филмови во кои се појавувал. Веќе во 1915 г. станал феномен. Бил толку популарен што морал по судски пат да го брани своето име. „Банка“, „Парижанки“, „Златна треска“, „Модерни времиња“, „Големиот диктатор“ и „Светлостите на сцената“ се само некои од денес култните филмови што ги потпишува двократниот добитник на почесен „оскар“.

Љубовни проблеми и моќна татковска фигура

Првиот брак со глумицата Милдред Харис, која имала 16 години, бил со краток век, бидејќи три дена по раѓањето им починал синот Норман, а глумицата како причина за разводот ја навела Чарлиевата „ментална суровост“.
Во 1920 година ја забележал 12-годишната Лилита Луис Мекмуреј на снимањето на филмот „Детето“ и почнал да ја претвора во глумица. Ѝ го сменил името во Лита Греј и ја завел во 1924-та кога таа имала 15, а тој 35 години, што уште тогаш можело да доведе до обвинение за силување. Краткиот брак завршил со спогодба, која во тоа време, веројатно била најскапиот развод во историјата на Холивуд. Се проценува дека договорот вредел денешни 38 милиони фунти. По три неуспешни брака, среќата ја пронашол со Уна, со која бил во брак 34 години и имале осум деца, а од претходните бракови имал уште три.
– Беше недостапен. Татко ти работи, не вознемирувај го, ќе се деконцентрира – постојано ми зборуваа. Нашиот свет се вртеше околу тоа на татко ни да му е добро. Пораснав покрај филмска икона, но всушност никогаш не сфатив кој беше тој човек – се сеќава ќерката Дороти на своето детство и растење.
Таа потврдила и дека Чарли Чаплин го поминал животот сомневајќи се во себе.
– Го оствари својот животен сон, но мислам дека никогаш не ги преболе своите сомнежи. Дали некој воопшто ќе ги преброди? Мислам дека тоа никогаш не те напушта, колку и да си голем – вели неговата друга ќерка Џејн.
Токму затоа по малку чудно звучат зборовите на синот Мајкл, кој раскажал дека Чаплин бил толку моќен што со него не си можел ни да се скараш.
– На некој начин се плашев од татко ми. Тој за себе мислеше дека никогаш не греши и оти секогаш е во право – изјавил Мајкл, кој сега има 75 години.
Според книгата на биографот Питер Акројд, Чаплин бил себичен, свиреп и доминантен човек. Манипулатор, кој немал чувство на каење. Поради „љубовта“ кон младите девојки, на Чаплин долго не му била доделена благородничката титула сер, но сепак ја добил во 1975-та, две години пред смртта.

Мала планета го доби името 3623 Чаплин

По смртта, Чарли Чаплин е погребан во Швајцарија, но три месеци по погребот телото му е украдено. Киднаперите Ганчо Ганев и Роман Вардас ѝ барале 600.000 долари на Уна Чаплин за откуп на мртвиот Чарли, но набрзо биле уапсени и однесени во затвор.
Британскиот филмски институт го опишува Чарли како „доминантна фигура на светското културно наследство“, а магазинот „Тајм“ го вбројува меѓу 100 најважни луѓе на 20 век, поради насмевката што ја донесе на лицата на милиони луѓе и што помогнал една индустрија, во случајот филмската, да се претвори во уметност. Една мала планета во нашиот систем што ја откриле советските астрономи е наречена 3623 Чаплин. Споменици на Чаплин можат да се видат во Лондон, каде што е роден, но и во Словачка, Полска, Ирска. Италија, Шпанија, Швајцарија, Индија…