Најубавиот портрет во историјата на британското сликарство и неизбежен белег во светот на поп-културата е најпознатата слика на Томас Гејнсборо, „Синото момче“. Но ова дело, кое во моментов е изложено во Националната галерија во Лондон, е клучно и за геј-движењето. Ремек-делото на британската уметност што сто години се наоѓа во уметничката збирка на библиотеката „Ханингтон“ во Калифорнија моментално е на „привремен престој“ во својата татковина. По еден век, сликата од 1770 година повторно се најде пред посетителите на Националната галерија во Лондон, каде што ќе биде изложена до 15 мај.
Се претпоставува дека моделот на портретот на познатиот сликар од рококо бил син на богатиот англиски трговец Џонатан Батл (1752-1805). Гејнсборо го покажува во сина сатенска облека како стои пред темна заднина. Сликата била обожавана од британската јавност во 18 и 19 век. Изложена била во Британскиот институт и Кралската академија на уметностите, а нејзините репродукции се печатени во голем број. До 1796 година била во колекцијата на богатиот Џонатан Батл, но откако овој богат човек банкротирал, делото постојано ги менувало сопствениците. Прво го купил политичарот Џон Несбит, а во 1802 година портретистот Џон Хопнер. Само седум години подоцна, сликата станала дел од колекцијата на грофот Гросвенор. И таму најмногу се задржала – потомците на Гросвенор ја чувале повеќе од еден век. Меѓутоа, во 1921 година, војводата од Вестминстер му ја продал на трговецот со уметнички дела Џозеф Дувин. Истата година, тој ја препродал, но на прекуокеанскиот богаташ – американскиот пионер на железницата, Хенри Едвардс Хантингтон, за рекордна сума за тоа време – дури 728.800 долари (во денешни пари би било повеќе од десет милиони долари). Британците биле скандализирани од тоа што нивното национално богатство завршило преку океанот. Тие толку многу го сакале „Момчето во сино“ што пред сликата да го премине океанот, дури 90.000 луѓе дошле да ја видат во Националната галерија во Лондон пред крајот на 1922 година.
Тогашниот директор на Националната галерија, Чарлс Холмс, напишал „Збогум“ на задната страна на сликата, надевајќи се дека делото еден ден ќе биде вратено во неговата татковина. И, еден век подоцна, тоа е вратено, но само привремено. Гејнсборо сè уште е најпознатиот англиски рококо-уметник и дворски сликар, а неговото дело е работено во техниката масло на платно, во импресивни димензии (високо метар и 80 сантиметри, односно широко 20 метри). Сликата е замислена како почит кон неговиот омилен сликар Андонис ван Дајк. Не само што „Синото момче“ е најпознатата слика на Томас Гејнсборо туку имаше и огромно влијание врз популарната култура. Ова дело може да се види, на пример, во голем број филмови.
Сликата ужива култен статус и во геј-заедницата. Валери Хедквист, професорка по историја на уметноста на Универзитетот во Монтана, опширно пишуваше за тоа. Всушност, таа го нарече „Синото момче“ – геј-икона. Сè започнало во 19 век, кога, како што истакнува Хедквист, пантомимичарите почнале да се облекуваат во свилени панталони, со јаки од тантела, исто како и моделот Гејнсборо. И иако играле машки улоги, актерите всушност биле жени. До крајот на 19 век, списанијата биле полни со слики од девојки облечени исто како „Синото момче“.