Контроверзната филмска верзија на „Кабаре“, на режисерот Боб Фоси, и по 50 години останува една од најсилните приказни за времето кога луѓето, неспособни да го елиминираат „злото што татни во далечината“, бегаат од одговорноста и наоѓаат засолниште во зачадената атмосфера на кабарето. Во салата на клубот „Кит Кат“, Сали, Брајан и Фриц забораваат на реалноста исполнета со идеалите на претстојниот фашизам и се препуштаат на песни, игри, алкохол, секс… Колку е успешна оваа приказна сведочи и фактот што филмот се чува во Американскиот национален филмски регистар од 1995 година како културно, историско и естетски значајно остварување.
Нихилизам од вајмарскиот период
Филмот од 1972 година и претставата на „Бродвеј“ од 1966 година се базирани на романот „Збогум на Берлин“ од Кристофер Ишервуд, кој се одвива во самракот на Вајмарската Република. Ишервуд го прикажува мрачниот нихилизам од периодот на Вајмар преку вистински настани и ликови што ги сретнал во сиромашниот Берлин во 1930-тите години на минатиот век.
Тргнувајќи од книжевниот шаблон, Фоси не ни можеше да направи само обичен мјузикл. Дел од успехот со овој филм, Фоси го должи на својот природен пркос на клишеата, кои диктираат дека мјузиклите мора да имаат среќен крај. Наместо да ја ублажи иронијата, овој режисер и кореограф зачекори во темнината на нацистичка Германија и толку силно ни пренесе дел од таа атмосфера што го доби и „оскарот“ за најдобра режија.
Филмот исто така ѝ донесе „оскар“ за најдобра женска улога на Лајза Минели, ќерката на Џуди Гарланд и Винсент Минели. Со наградите за најдобра споредна машка улога, најдобра режија, камера, уметничка режија, најдобар звук, оригинална музика и адаптација и најдобра филмска монтажа, „Кабаре“ го држи рекордот за освоени „оскари“ за филм што не ја освои титулата за најдобро остварување.
Жељко Јовановиќ, уметнички директор на театарот „Теразије“ во Белград, кој своевремено изведе две верзии на „Кабаре“ за „Спутник“, вели дека приказната за овој мјузикл е трајно актуелна.
– Хероите на мјузиклот, Сали Боулс и Брајан Робертс во филмот, се однесуваат слободно, во согласност со нивните потреби и се фокусирани на правење пари, за да успеат во животот, се остваруваат без да видат дека работите околу нив полека стануваат комплицирани. Затоа „Кабаре“ прикажува бегство од одговорноста, недостиг од општествена свест, која предупредува дека во далечината рика злото – вели Јовановиќ.
Во филмот, Фоси го претставува подемот на нацистичката партија во Германија, нивните верувања за расната супериорност, за разлика од играта и музиката. Разликата меѓу слободоумниот дух на главните ликови и националсоцијалистичкиот антисемитски пламен се засилува и е придружена, меѓу другото, со подемот на бисексуалноста, садомазохизмот и низа други вредности, поради кои овој филм долго време го носи епитетот на контроверзно достигнување.
– Времето кога „Кабаре“ се играше на „Бродвеј“ е период на рокенрол, сексуална револуција, лесен живот, верба во љубовта. Мјузиклот навестува рецесија што ќе се појави прво во Америка, а потоа и во Европа. Уметноста секогаш предупредува навреме, но никој не ја слуша. Истото ни се случува и денес – смета Јовановиќ.
Заводлив, натопен во сексапил, цинизам и очај
Филмот значително се разликува од претставата, па дури и од книгата, поради што Фоси беше цел на напади на критичарите, но и на авторот на „Збогум на Берлин“, Кристофер Ишервуд. Дури и Џин Рос, врз која е изграден ликот на Сали Боулс, изјавила дека прикажувањето на општествениот круг на британските емигранти како слободни луѓе што сакаат задоволства е различно и дека филмот и мјузиклот на „Бродвеј“ на гламурозен начин ја прикажуваат суровата реалност на вајмарската ера на 1930-тите.
Делото на Фоси, кое беше протолкувано како застрашувачки заводливо, натопено во сексапил, цинизам и очај беше цел на цензура. Во Западен Берлин филмот беше емитуван без секвенцата во која Хитлеровата младина ја пее „Tomorrow Belongs to Me“. Оваа песна е избришана поради чувството дека може да предизвика огорченост кај публиката, покажувајќи ги симпатизерите на нацистичкото движење во текот на 1930-тите. Сето тоа не го нарушува фактот што „Кабаре“ се најде на листата на најважни филмови, а тоа, според некои критичари, е затоа што е наменет за публика што не преферира мјузикли.
– Тоа е постојана игра помеѓу она што го презема театарот од филмот, литературата и обратно. Сепак, важно е дека „Кабаре“, „Чикаго“ и другите класици на „Бродвеј“ опстанаа сето ова време бидејќи имаа силна приказна. Интересна е и музичката заднина на „Кабаре“ на Фоси, односно џез-балетот што е со понов датум и кој влече корени од општото чувство на општеството – вели Јовановиќ.
Токму во пристапот на Фоси кон танцот и песната лежи причината зошто мјузиклот доби нов живот во „ерата на водолијата“, а Фоси се смета за татко на модерниот мјузикл.
Парите го движат светот
Непростливи декаденти, Сали и другите ликови се препуштаат на вино, песна и секс додека потценуваат или намерно игнорираат каде оди земјата. Тие немаат моќ да го спречат злото и сè што можат да направат е да продолжат да бегаат, во фантазијата што ја носи музиката. Клубот „Кит Кат“, како нивен личен елдорадо, носи атмосфера на забава и хедонизам, но вистината сепак е очигледна во песните што одекнуваат на овој простор. Почнувајќи од „Willkommen“ на многу европски јазици до песната „Tomorrow Belongs to Me“ во изведба на член на младината на Хитлер, од песна до песна, изведувачите и публиката иронично се смеат на животот надвор од клубот свесни дека историјата не може да ги заобиколи.
Пет децении подоцна, песните од „Кабаре“ не губат сила, а песната „Money, Money“ дури се смета за химна на капитализмот. Конечно, тука е Лајза Минели во спектакуларен настап како Сали Боулс, жена за која нема живот надвор од забавата
– Мислам дека ништо не е сменето во споредба со времето кога „Кабаре“ се играше на „Бродвеј“ или во кината. Она што останува е да ги најдеме нашите песни, нашите објаснувања за сѐ што ни се случува во ерата на посткапитализмот, кога нема средна класа, кога не важат старите правила. Во однос на тоа парче и денес сè е тука, само е полошо – заклучува Жељко Јовановиќ. М.К.