Рекорден извоз во пандемиската 2021 година
Откако во 2021 година извозот на кинески возила се удвои на рекордни 2,02 милиони – и покрај недостигот од делови и пандемијата на коронавирусот – кинеските автомобилски производители ги зајакнуваат напорите за понатамошно ширење на своето глобално присуство. „Грејт вол моторс“ (ГВМ), најголемиот кинески производител на теренски возила и пикапи, неодамна излезе со најава дека годинава планира да почне со работа во Малезија, Виетнам, Филипините и во Сингапур.
На тој начин, како што изјави претседателот на регионалната канцеларија на компанијата Џанг Џиаминг, возилата од овој производител уште годинава ќе станат достапни во осум земји-членки на Асоцијацијата на југоисточноазиски нации. „Грејт вол моторс“ веќе продава автомобили во Брунеи, Лаос, Мјанмар и Тајланд, а во Тајланд има и погон што ќе функционира како база за Југоисточна Азија. Овој регион е еден од најновите целни странски пазари на „Грејт вол моторс“, пишува „Чајна дејли“.
Веи Џианџун, основач и претседател на компанијата, во една пригода изјави дека кинеските производители нема да бидат успешни доколку не се конкурентни на глобално ниво. Компанијата започна да извезува возила во 1980-тите. Минатата година во странство беа продадени 143.000 возила, што е за 104 отсто повеќе од извозот во 2020 година, но сепак претставува само 11 отсто од севкупните компаниски испораки. Годинава „Грејт вол моторс“ влегува на германскиот пазар, а првите два модела што ќе ги понуди се хибридно теренско возило и електрична лимузина.
Кинеските автомобилски производители сега имаат храброст и способност директно да им парираат на европските брендови – изјавија на минатогодишниот саем за автомобили во Минхен претставниците на оваа компанија.
Чао Сиангхуа, извршниот директор на европската филијала на ГВМ, изјави дека влезот на европскиот пазар – каде што се измислени и креирани современите возила – претставува важна пресвртница за неговата компанија.
Имаме амбициозни цели за овој пазар – рече тој.
Додека неговите возила добиваат популарност на прекуокеанските пазари, најголемиот кинески производител на автомобили, „САИК мотор“ воведува два брода во својата интернационална логистичка флота. Оваа компанија има изградено глобална продажна мрежа, во која се опфатени повеќе од 70 држави и региони, а притоа – кога станува збор за продажба во странство – шест години по ред е прворангирана меѓу кинеските автомобилски производители. Минатата година, таа испорача 598.000 возила на големите странски пазари, како Европа, Блискиот Исток, Австралија и Нов Зеланд, земјите од АСЕАН и Индија.
Генералниот директор на одделот за меѓународен бизнис на САИК, Ју Де, изјави дека водечката стратегија на компанијата е да понуди нови и различни опции. Така, на пример, на пазарите во развој, компанијата ги нуди своите паметни возила, кои можат да се поврзат на интернет и да комуницираат со други уреди, додека на развиените пазари како европскиот се излегува со возила што користат нови видови енергија.
Европските држави нудат големи субвенции за купувачите на нови енергетски возила, но повеќето од ваквите локално произведени возила се хибриди, што создава конкурентска предност за „чистокрвните“ електрични возила – за чие производство Кинезите се вистински мајстори.
Кинеските електрични возила навлегуваат на прекуокеанските пазари. Годинава компанијата „Нио“ ќе продава возила во Германија, Холандија, Шведска и во Данска. Почна да извезува во 2021-та, а почетна станица беше Холандија. „Нио“ го претстави својот модел „ЕС8“, додека во 2022 година ќе следува пазарното претставување на лимузината „ЕТ7“.
До 2025 година, „Нио“ ќе го втемели своето присуство во повеќе од 25 држави и региони во светот – изјавија официјални лица на компанијата.
Пристапот на кинеските производители на електрични автомобили не е ограничен само на Европа. Од „Грејт вол моторс“ најавија дека до 2025 година ќе понудат десет модели на автомобили во Бразил – сите ќе бидат на електричен погон. Компанијата излезе со ваква најава откако во јануари ја презеде фабриката на „Дајмлер“ во оваа јужноамериканска држава.
Според најавите на производителот, моделите ќе имаат функции за поврзување и функции за асистирање при возењето. ГВМ соопшти дека во текот на следните десет години во Бразил ќе инвестира приближно 11,5 милијарди јуани (1,81 милијарда долари), за да стане водечки автомобилски производител на пазарот на нови енергетски возила во оваа држава.
„САИК-ГМ-Вулинг“ од оваа година ќе започне со продажба на своите популарни електрични мини-автомобили во Индонезија, која ќе претставува прв прекуокеански пазар за производите на кинеско-американското заедничко вложување, т.е. автомобилски модели создадени врз основа на платформата за производство на мини-возила на електричен погон.
Подемот во секторот на електрични возила „Вулинг“ го оствари во 2020 година, со својот електричен двосед „хонгуанг мини ЕВ“, со кој го симна од тронот „тесла модел 3“, кој дотогаш беше најпродаваниот електричен автомобил во светот. „Хонгуанг мини ЕВ“ и неговите помали верзии се многу продавани во Кина – досега се купени и испорачани над 650.000 единици. Претставник на компанијата изјави дека повеќе од 200 автомобилски трговци од 70 држави и региони во светот изразиле заинтересираност за продажба на моделот „хонгуанг мини ЕВ“.