Францускиот репрезентативец постигна 32 гола и има 20 асистенции на 52 натпревари во ЛШ. Во првиот осминафинален меч, ПСЖ во совлада Реал Мадрид со 1-0, токму со погодокот на Мбапе

ФУДБАЛ – ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ

Килијан Мбапе го постигна единствениот гол на мечот ПСЖ – Реал Мадрид (1-0) во судиското дополнување на времето, во 94-та минута, во првиот осминафинален меч во фудбалската Лига на шампионите (ЛШ). Претходно Тибо Куртоа му го одбрани пеналот на Лионел Меси во 62. минута, по прекршокот врз Мбапе. Сето тоа е добра најава за нови возбудувања и неизвесност на реваншот во Мадрид, во март.
– Како и целиот тим, и јас бев во вистинскиот ритам. Се обидов да му помогнам на тимот најдобро што можам, да бидам ефикасен и во нападот и во одбраната. Бев награден со голот, многу сум среќен – изјави Мбапе, кој постигна 90 гола на 102-та меча во дресот на ПСЖ.
За Мбапе тоа беше 13-ти гол на претходните 13 меча во ЛШ, вкупно 22. сезонава. Реал играше дефанзивно, за малку ќе извлечеше реми, а за тоа како тренерот Карло Анчелоти ја имаше поставено играта говори податокот дека неговите избраници не успеаја да упатат ниту еден удар кон голот, вторпат од сезоната 2003/2004. Претходно тоа им се случи на мечот со ПСЖ во септември 2019 година.
Мбапе е директно вклучен при постигнувањето на најмалку еден гол на претходните седум натпревари во ЛШ (пет гола и четири асистенции), израмнувајќи го својот и францускиот рекорд (претходно и во периодот од мај до декември 2017 година), откако Опта бележи вакви податоци, од сезоната 2003/2004 во ова натпреварување. Мбапе е инволвиран во постигнувањето на 52 гола на 52-та натпревари во ЛШ (32 погодока и 20 асистенции).


Гвардиола: Можеме и подобро

Манчестер сити ја потврди фаворитската улога за титулата во фудбалската Лига на шампионите (ЛШ) сезонава, со победата над Спортинг на гости со 5-0. Ова е најубедливата победа на гостински тим во нокаут-фаза на ЛШ. Манчестер сити стана првиот тим во историјата на ЛШ што победил на пет гостувања по ред во нокаут-фазата и 14-от што постигнал 200 гола во ЛШ, но на само 97 меча, најмалку од сите други тимови.
– Повеќе од одушевен сум. Ова е како сон, совршен резултат, многу добар за реваншот, но ние можеме и подобро. Бевме прецизни, гол, пак гол, гол. Но мораме подобро кога ја имаме топката кај нас. Едно од правилата е кога ја имаш топката обиди се да му ја додадеш некому во ист дрес. На овој меч непотребно ја изгубивме топката многу пати – изјави Пеп Гвардиола, менаџерот на Сити.