Ериксен вели дека е вистинско чудо што може да ја продолжи кариерата во премиерлигашот Брентфоррд, откако минатото лето колабира на мечот Данска – Финска, по што му беше вграден кардиовертер-дефибрилатор (ИЦД), еден вид пејсмејкер

ФУДБАЛ – КРИСТИЈАН ЕРИКСЕН

Осум месеци од денот кога доживеа срцев удар на мечот Данска – Финска на Европското првенство (ЕП) 2020, Кристијан Ериксен (29) е подготвен повторно да игра фудбал за премиерлигашот Брентфорд. Пред завчерашниот меч против Кристал палас (0-0), тој беше топло поздравен од двете навивачки групи, но менаџерот на Брентфорд, Данецот Томас Франк, рече дека за неговиот сонародник е „прерано“ да настапи на официјален меч и оти ќе му даде шанса на денешниот пријателски натпревар.
– Ќе биде голем момент за светскиот фудбал кога тој ќе излезе на теренот повторно да игра. Задоволни сме што е кај нас, но ќе го поддржуваме во кој клуб и да игра – изјави Франк.
Ериксен вели дека е вистинско чудо што може да ја продолжи кариерата откако колабира минатото лето, по што му беше вграден кардиовертер-дефибрилатор (ИЦД), еден вид пејсмејкер.
– Првата работа што треба да се покаже е благодарност, до луѓето околу мене, до соиграчите, до лекарите што интервенираа на теренот, до тимските лекари и болничарите, а потоа до оние во болницата, кои направија сѐ и проверија сѐ. Потоа до сите луѓе што ме поддржаа и до моето семејство. Имам многу среќа, тоа им го кажав в лице, многу сум среќен што го направија тоа што го направија, инаку немаше да бидам тука. За мене, тоа беше несреќа на среќно место – истакнува Ериксен во интервјуто за „Би-би-си“.
Ериксен вели дека сега се чувствува подобро отколку пред инцидентот, дека ќе направи сѐ што може за да го достигне поранешното ниво на игра и дека не се плаши од предизвиците што му претстојат.
– Нема да го променам мојот стил на игра. Бев дисциплиниран во последните шест месеци и имав време да правам некои дополнителни работи, па затоа можеби сум во подобра форма од порано, само што ми недостига фудбалот – вели тој.
Датумот 12 јуни 2021 засекогаш ќе биде врежан во неговата меморија. Тој се сеќава на сѐ, освен на петте минути во кои замина од овој свет сѐ додека срцето не започна повторно да отчукува. Ериксен колабира во 41-та минута, а потоа, по 15-минутната интервенција на теренот, беше префрлен во болница.

– Можам да се сетам на сѐ, на топката што удри во моето колено, но потоа не знам што се случи. Потоа се разбудив, имаше луѓе околу мене, почувствував притисок во градите, обидувајќи се да го вратам дишењето. Ги отворив очите, ги видов луѓето околу мене и не разбирав што се случува. Потоа ми поминува низ глава: „Дали нешто се случи со моите нозе? Дали го скршив ‘рбетот? Можам ли да ја подигнам ногата? Потоа во амбулантата слушнав како некој праша „колку време беше надвор“, а некој рече „пет минути“ – се потсетува Ериксен.
Ериксен го раскина договорот со Интер во декември, бидејќи играчите со ИЦД не можат да играат во Серија А. Но во Премиер-лигата не важат истите прописи. По заминувањето од Интер, сам тренираше во дански Одензе, каде што ја започна кариерата.
Ериксен не размислувал за враќање на фудбалот во првите неколку дена по инцидентот, но никогаш не се сомневал дека кариерата е завршена.
– Сакав да ги направам сите тестови, да разговарам со сите лекари за да видам какви се можностите. Тие ми рекоа „имаш ИЦД“, инаку друго ништо не се променило, можеш да продолжиш со нормалниот живот и нема ограничување за тоа што сакаш да правиш. Тоа беше олеснување, но и по малку чудно, оти не би сакал да претерам, не би сакал да ризикувам. Не сакам да имам некакви последици по триесетина години, тоа ми е главната цел – истакнува Ериксен.
Тој вели дека само сака да се врати во „нормала“, а повторното играње фудбал во Премиер-лигата е голем чекор кон таа цел.

– Да бидам искрен, навистина не паднав психолошки. Се придржував до планот што го направив со докторите во различните фази. Тоа одеше бавно, но ја имав поддршката од моето семејство. Тие знаеја дека сакам да се вратам доколку е можно, но знаеја и дека ако нешто полошо се случи во меѓувреме, тогаш нема да продолжам. Не се плашам од предизвиците што ми претстојат и од насилниците во играта – вели Ериксен.
Тој додава дека се чувствува благодарно што се вратил во Лондон, каде што живееше играјќи седум сезони во Тотенхем.
– За мене и за моето семејство во следните шест месеци ова е совршена ситуација. Ја познаваме областа, таа е блиску до местото каде што бевме пред неколку години, во северен Лондон. Тоа е добро за моето семејство, но и за мене фудбалски, имам шанса повторно да играм во Премиер-лигата и да ги запознаам луѓето овде. Се разбира, го познавав менаџерот Томас Франк, познавам и многу соиграчи од Данска, така што ми беше лесно. Ќе биде многу посебен момент, едноставно неверојатно, кога пак ќе излезам на теренот и повторно ќе одиграм натпревар – вели Ериксен.