Судот самостојно гледал докази кои не биле изведени, обвини Сашо Дуковски, адвокат на Бојан Јовановски – Боки 13, неговиот татко Миле Јовановски и асистенката Кристина Блажевска. Според него, судијката Софче Гаврилова-Ефремова во случајот за „Меѓународен сојуз“, пристапила до материјали од телефонот на Боки 13 и ги гледала, без да се побара тоа од адвокатите, обвинетите и обвинителот. Дуковски тврди дека ваквите постапки се незаконски.
Текот на денешното судење беше тензичен, со надвикување и удирање по масите. Боки 13 и Дуковски ѝ укажуваа на судијката дека не може да се најдат пораките помеѓу него и функционерите, што биле на телефонот кој беше одземен. Судијката, пак, убедуваше дека не е така.
Таа донесе лаптоп, со помош на вработен во судот, а кога го отворија дискот, следеше жестока реакција од Боки 13 според кого постапката е незаконска.
Судијката Гаврилова-Ефремова го опомена адвокатот Дуковски и Боки 13 дека ќе ги избрка, ако продолжат да зборуваат без да добијат збор.
Дуковски по судењето рече дека Боки 13, неговиот татко Миле Јовановски и асистенката Кристина Блажевска не дале одбрана само бидејќи не се изведени доказите од телефонот и на распит не се повикани посочените сведоци, од кои најголемиот дел се ексфункционери од Владата.
Од него следуваше и жестока реакција бидејќи судијката го отвори дискот со материјали без барање од странките.
– Ова што денес се случи е незабележано, повторувам со големи бувки. Ова е незабележано во судска пракса, надвор од главна расправа, судот сам, со којзнае кого, веројатно некои ИТ-техничари, отворил интимен материјал кој не може да го отвора без предлог од обвинител, самостојно – кажа Дуковски.
Судењето се одложи.