Американката Микаела Шифрин повторно не успеа да ја заврши трката, како и во велеслалом
ЗИМСКИ ОЛИМПИСКИ ИГРИ ВО ПЕКИНГ
Петра Влхова го освои златото во слаломската трка на Зимските олимписки игри (ЗОИ) во Пекинг, прв олимписки медал за неа и за Словачка во алпско скијање. Влхова (26), која веќе ја освои титулата во слалом во Светскиот куп (СК), беше осма по првото возење, но успеа да ја надомести негативата со одличното второ возење и да биде најдобра. Сребрениот медал ѝ припадна на Катарина Линсбергер од Австрија, која беше побавна за осум стотинки од Влхова, а бронзениот на Венди Холденер од Швајцарија, која задоцни 12 стотинки зад победничката.
– Искрено, ми беше навистина тешко да бидам смирена и да се фокусирам на моето скијање. Но имав голема поддршка од мојот тим. Тие веруваа во мене и ми повторуваа: „Ти си многу силна, скијај слободно, уживај и фокусирај се на скијањето, на ништо друго“. Тоа постојано ми го повторуваа меѓу двете возења. Дадов сѐ од себе и на крајот станав олимписка шампионка – изјави Влхова.
Американката Микаела Шифрин (26) не ја заврши и втората трка во низа во Пекинг, по онаа во велеслалом. Шифрин, олимписката шампионка во слалом од Сочи 2014 и со рекордни 47 победи во слалом во СК (вкупно 73), повторно направи слична грешка и излета од патеката по само 16 секунди! На Шифрин за првпат по декември 2011 година, кога имаше 16 години, на сениорско ниво ѝ се случува да не заврши две последователни трки во техничките дисциплини, во слалом и во велеслалом!
Шифрин, која важеше за фаворитка за медали во овие дисциплини во Пекинг, планираше да настапи во петте индивидуални трки, но по двата големи кикса, најави оти е можно прерано да се прости од Игрите.
– Никогаш не сум бил на оваа позиција и не знам како да се справам со неа. Ќе се обидам повторно да се консолидирам, но не знам како да направам сѐ да биде подобро. Се чувствувам мошне лошо, но тоа нема да трае вечно – изјави Шифрин.
Влхова го најави големиот потенцијал со освојувањето на златото во слалом на Зимските младински олимписки игри во Инсбрук 2012 година. Две години подоцна стана и јуниорска светска шампионка во слалом.
– Имам многу убави спомени од Инсбрук 2012 година, тој натпревар многу ми значеше, тогаш започна мојата кариера – рече Влхова.
Но тие успеси не се повторија на ЗОИ 2014, кога 18-годишната Влхова заврши на 24-то место во велеслалом и на 19-то во слалом. Четири години подоцна, во Пјонгчанг беше петта во алпска комбинација. Но упорноста конечно почна да се претвора во успеси, најпрвин во 2019 кога беше втора, зад Шифрин, во севкупниот поредок во СК, за лани да стане и победничка. На Светското првенство (СП) во Оре, Шведска 2019 година, таа ги освои првите сениорски медали (злато во велеслалом и сребро во комбинација). Во Пекинг 2022 го оствари својот сон, стана олимписка шампионка.
– Една од главните причини за моите успеси е тоа што сега сум 100 отсто ментално избалансирана. Тоа беше единственото што ми недостигаше претходно за да станам најдобра. Сезоната досега ми оди многу добро, се наоѓам во добро ментално расположение и во одлична физичка форма. Се чувствувам навистина силна – задоволно изјави Влхова.