Избирачките места за референдумот се отворени утрово во седум часот и секаде гласањето тече без прекин, информираат од Државната изборна комисија.
Се гласа на 3.478 избирачки места, кои ќе бидат отворени до 19 часот.
Во Македонија денеска се одржува референдум на државно ниво на којшто гласачите се изјаснуваат на прашањето „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО, со прифаќање на договорот на Република Македонија и Република Грција?“ со заокружување „за“ или „против“.
Право на глас имаат еден милион 806 илјади и 336 гласачи запишани во Избирачкиот список.
Ден пред референдумот, вчера гласаа лицата во казнено-поправните домови, внатрешно раселените, лицата кои се наоѓаат на издржување мерка куќен притвор и немоќните и болните лица кои го побарале тоа од општинските изборни комисии. Во казнено-поправните установи низ земјава, вкупно 13, до 17 часот излезноста беше 64,69 отсто. Гласале 1.008 од евидентираните 1.558 лица со право на глас. Во своите домови, пак, според првичните информации од општинските изборни комисии, гласале 1.520 болни или изнемоштени лица од запишаните 1.859.
Вчера гласаа и граѓаните на Република Македонија во странство. Пријавени за гласање беа 2.694 македонски државјани, а тоа можеа да го направат во 33 дипломатско-конзуларни претставништва и конзуларни канцеларии на Република Македонија низ светот. Како што соопшти ДИК, до 17 часот вкупно 985 македонски иселеници или 36,56 отсто излегле да гласаат за референдумското прашање, но во нив не беа влезени оние од САД, Канада и Лондон (вкупно пет гласачки места) каде гласањето не беше завршено.
Почна референдумското изјаснување во Штип
Почна гласањето на 77 избирачки места во Општина Штип, каде што со право на глас се вкупно 41.854 гласачи.
Претседателката на ОИК-Штип, Сенка Андреева информира дека за референдумот 2018 година сите гласачки места се отворени точно во 7 часот и во овие утрински часови нема регистрирано неправилности или некои проблеми.
Во текот на вчерашниот ден гласаа болните и инвалидизирани лица во своите домови, како и затворениците. Своето право на глас вчера во источниот регион го искористија 298 болни и 206 затвореници.
Без проблем започна гласањето во четирите општини од Тиквешијата
Без проблем започна гласањето во четирите општини од Тиквешијата. Во Кавадарци се гласа на 59 избирачки места, а во единствениот избирачки список се запишани 32.217 лица со право на глас. Претседателот на Општинска изборна комисија, Зоран Костов потсети дека вчера гласаа 19 немоќни лица.
Во Неготино, како што информираше претседателката на Општинска изборна комисија, Нетка Веселинова, навреме се отворени 28 избирачки места, а своето право на глас можат да го остварат 15.894 избирачи. Во текот на вчерашниот ден своето право на глас го искористија 16 стари и болни лица.
Во Демир Капија се гласа на 11, а во Росоман на 10 избирачки места. Право на глас имаат 3.364 демиркапијци и 3.344 росоманци. Претседателите на општинските изборни комисии, Стојна Топчиева и Лазар Симоновиќ, потсетија дека вчера гласаа 23 немоќни лица од Демир Капија и 17 од Росоман.
На време отворени гласачките места во Вевчани
Трите гласачки места во општина Вевчани се отворени утрово во 7 часот, потврди за МИА претседателката на Општинската изборна комисија Параскева Гогоска – Кукоска.
Право на глас имаат 2.038 вевчанци, кои денеска ќе се изјаснат дали се „за“ или „против“ референдумското прашање „Дали сте за членство во ЕИ и НАТО, со прифаќање на договорот меѓу Македонија и Грција“.
– Гласањето тече добро, без никакви проблеми. Не очекувам нарушувања ниту во текот на денот, изјави Гогоска – Кукоска.
Навремено започна изјаснувањето на граѓаните во Охрид и Дебрца, процесот се одвива непречено
Изјаснувањето на граѓаните по однос референдумот во општините Охрид и Дебрца се одвива непречено и во демократска атмосфера, на сите гласачки места.
Претседателот на ОИК на Охрид Димитрија Вревезоски за МИА потврди дека сите 89 избирачки, односно 88 гласачки места се отворени во предвидениот рок и оти засега нема никакви проблеми во процесот.
Референдумското изјаснување на населението се одвива непречено и во Општина Дебрца. Според претседателот на ОИК Сашо Суклоски, сите 28 гласачки места се отворени во законски утврдениот рок, а процесот на изјаснување на граѓаните се одвива непречено.
Во Општина Охрид во Избирачкиот список се регистрирани 52.171 граѓани со право на глас, додека во Дебрца своето право на изјаснување можат да го искористат 4.460 граѓани.
Во Гостивар започна референдумско изјаснување, сите избирачки места отворени
Во гостиварската општина утрово започна референдумското изјаснување. Сите избирачки места се навреме отворени и не се регистрирани проблеми или попречување на гласачкото право, информираат од ОИК Гостивар.
На подрачјето на општина Гостивар, за денешниот референдум ќе се гласа на 121 избирачко место, а право на глас имаат вкупно 79.160 граѓани, кои се запишани во единствениот Избирачки список.
Во Преспа отворени сите гласачки места во 7 часот
Почна гласањето на сите 50 избирачки места во Преспа, потврди за МИА претседателот на Општинската изборна комисија, Кирил Танески.
Според него, избирачките места се отворени во 7 часот утрово и досега гласањето тече добро без никакви нарушувања.
Во Избирачкиот список во општина Ресен регистрирани се 16.760 гласачи со право на глас.
Навреме се отворени избирачките места во Куманово, Липково и Старо Нагоричане
Навреме се отворени сите 167 избирачки места во Куманово, информираше претседателот на Општинската изборна комисија, Звонимир Николовски. За референдумот право на глас имаат 92.560 гласачи од Куманово.
И во Липково навреме почна гласасњето информираат од општинската изборна комисија. Според претседателот на ОИК Липково, Лирим Шабани, право на глас на референдумот имаат 25.200 лица кои гласаат на 36 избирачки места.
Во општина Старо Нагоричане, информираше Драган Јовановски, претседател на ОИК, навреме се отворени 38-те гласачки места. Во оваа општина право на глас за референдумот имаат 3.363 гласачи.
Референдумското изјаснување почна навреме во Дебарско
Во дебарскиот поширок регион навреме почна референдумското изјаснување на граѓаните со право на глас.
Гласачките кутии во двете општини, Дебар и Центар Жупа, се отворени во 7 часот.
– На сите 27 избирачки места гласачките кутии се отворени точно во седум часот. До 19 часот, кога треба да бидат затворени, своето право на глас треба да го остварат 18.318 граѓани, изјави Елмира Бакали, претседателка на Општинската изборна комисија во Дебар.
Во оваа општина вчера гласа 22 болни и изнемоштени лица.
На територијата на општина Центар Жупа има 6.686 граѓани со право на глас, а таму се гласа на 16 избирачки места. Според претседателот на ОИК-Центар Жупа Еран Зубер, сите избирачки места се отворени навреме.
Денеска од седум до 19 часот работи и регионалното одделение за управни работи при Полициската станица од општа надлежност – Деба за издавање лични карти.
Навреме отворени сите гласачки места во Струга
Сите гласачки места во општина Струга се отворени навреме, утрово во 7 часот, информира претседателот на Општинската изборна комисија Бледар Зиба.
Стружани на 101 избирачко место ќе се изјаснат дали се „за“ или „против“ референдумското прашање „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО, со прифаќање на договорот меѓу Македонија и Грција“.
Во Избирачкиот список во Струга регистрирани се 60.169 лица. Вчера правото на глас имаа можност да остварат 23 болни, стари и изнемоштени лица во општината.
Навреме почна гласањето во Прилеп, Кривогаштани, Долнени и Крушево
Во Прилеп гласањето почна точно навреме и сите 142 избирачки места се отворени во 7 часот. Нема никакви проблеми, информираат од Општинската изборна комисија.
Своето право на глас во Прилеп денеска го остваруваат 64309 запишани гласачи. Во текот на вчерашниот ден гласаа болните и изнемоштени лица. Од 142 болни и изнемоштени, своето право го искористиле 119.
Без проблеми и точно навреме се отворени и избирачките места во Кривогаштани, во Долнени и во Крушево, велат од општинските изборни комисии.
Во Кривогаштани на 13 избирачки места, своето право денеска го остваруваат 4737 гласачи, а вчера од шест запишани болни и изнемоштени, гласало едно лице.
Во општина Долнени се 40 избирачки места на кои своето право на глас денеска го остваруваат 11 580 запишани гласачи. Вчера од 38 пријавени болни и изнемоштени гласале 36.
И во Крушево денешното гласање почна навремено и без проблеми. На 22 избирачки места се запишани 7 933 граѓани со право на глас. Вчера своето право на глас го оствариле 67 од 69 запишани болни и изнемоштени лица.
Гласањето почна без проблеми во општините во Струмичко и Радовишко
Сите гласачки места во општините Струмица, Радовиш, Василево, Босилово, Ново Село и Конче се отворени точно во 7 часот и во нив гласањето тече без никакви проблеми.
Според информациите од претседателите на општинските изборни комисии, на сите гласачки места навреме е доставен изборниот материјал, а избирачките одбори подготвени го почнале денешното гласање.
Во Струмица се запишани 49.086 гласачи, а се гласа на 83 избирачки места, во Босилово има 12.208 избирачи со 19 избирачки места, Василево 10.438 избирачи на 19 места, Ново Село 11.267 запишани избирачи со 20 избирачки места, Радовиш 24.215 избирачи ќе гласаат на 46 избирачки места и во општина Конче се запишани 2.755 избирачи, а се гласа на седум избирачки места.
Почна гласањето во пелагониските општини
Гласачките кутии во пелагониските општини Битола, Демир Хисар, Могила и во Новаци се отворени.
Претседателите на општинските изборни комисии Ѓуро Илиќ во Битола, Митко Јанкуловски во Демир Хисар, Весна Ристевска во Могила и Стефче Стефановски претседател на ОИК во Новаци, потврдија дека гласањето почна во 7 часот.
Според единствениот избрачки список во општина Битола право на глас имаат 82.131 полнолетен граѓанин кои ќе гласаат на 170 избирачки места, додека во општина Демир Хисар право на глас имаат 7.090 гласачи кои се распределени на 41 избирачко место.
Во општина Могила регистрирани се 5.385 граѓани со право на глас кои може да гласаат на 23 избирачки места, додека во општина Новаци во единствениот избирачки список евидентирани се 2.977 лица кои од утрово гласаат на 24 избирачки места.