Министерството за образование и наука (МОН) преку соопштение до јавноста ја демантираше веста објавена на социјалните мрежи и во дел од медиумите за наводен упад во електронските системи и базите на податоци на институцијата. Станува збор за тврдењето дека наводна грчка хакерска група од твитер-профилот „Моќна грчка армија“ го пробила компјутерскиот систем на министерството и притоа ја презела контролата врз надзорните-камери, како и врз интернет-страницата.
Лажната тревога со „Моќната грчка армија“ потсети на сајбер-нападите на наводната хакерска група „АнонОпсМКД“ од јули 2020 година, во кои една од целите беше токму МОН. Тогаш од МОН потврдија дека не функционира веб-страницата на министерството е хакирана и не функционира. Истото тогаш го соопшти и министерството за здравство, со тоа што не функционираа ниту службените мејлови на вработените во институцијата.
Одговорност за нападите во 2020 година презема наводната хакерска група што се огласуваше преку твитер-налогот АнонОпсМКД тврдејќи дека извршила сајбер-напади врз интернет-страниците на Министерството за здравство, Министерството за образование и наука, како и врз сајтот на славната пејачка Дуа Липа, во знак на револт поради нејзината објава на мапата на т.н. „голема Албанија“ на Инстаграм. Тие наведоа дека ја хакирале и официјалната интернет-страница на уште една позната пејачка со албанско потекло, Рита Ора. Според МОН во сегашниот случај станува збор за лажна информација.
– МОН информира дека по направени проверки на соодветната внатрешна служба заедно со надлежните институции за справување со компјутерски инциденти, не е констатиран никаков упад во електронските системи и бази на податоци со кои располагаме како институција Веста која е објавена на социјалните мрежи и која брзо се прошири, не е точна. Видео снимките од безбедносни камери кои се прикажуваат, не се од простории на министерството. Апелираме до граѓаните да не наседнуваат на шпекулации и да бидат спокојни по однос на прашањето за зашитита на личните податоци со кои располагаме за учениците, студентите, наставниот кадар и слично. Системите на МОН се соодветно заштитени – соопштија денеска од МОН, додавајќи дека оставуваат во координација со сите релевантни институции и органи кои работат во областа на компјутерскиот криминал и конфликти, а во насока на подигнување на безбедноста на електронските системи на уште повисоко ниво.