Најдобриот македонски фудбалер на сите времиња, Горан Пандев, од пред два дена е потпиша за Парма, каде брани прославениот италијански голман Џанлуиџи Буфон.
– Сè се случи набрзина и желбата да играм и да бидам протагонист, кој ќе придонесе за остварување на амбициите на клубот ме натера на оваа одлука. Се надевам дека ќе биде добро во Парма и дека ќе ги оствариме целите на клубот, а тоа е влегување во плејофот. Потоа ќе размислуваме и за враќање во Серија А, бидејќи клуб како Парма припаѓа токму таму – во Серија А.
Сигурно дека задоволството е големо што ќе играм со Буфон. Знаеме што значи тој за светскиот фудбал и што сè направи во неговата кариера. Кога се видовме на првиот тренинг веднаш ми рече „конечно сме во иста екипа, сега нема повеќе да ми даваш голови“ – изјави Пандев за „Видеолотарија Касинос Австрија“, а пренесе МИА.
Пандев со Парма потпиша договор до крајот на оваа сезона, иако ништо не најавуваше дека ќе дојде до ваков чекор во неговата кариера.
Парма се пресели во Серија Б минатата сезона и во моментов се наоѓа на 12-то место, со осум бода помалку од осмото место, кое води во плеј-офот. Сигурно ќе биде посилна со Пандев во својот тим, но дури и да успее да се врати во Серија А, тоа нема да ги смени ставовите на нашиот Горан околу крај на кариерата.
– Не, не се менуваат моите планови за завршување на кариерата. Тоа останува исто, на крајот на сезонава ќе ставам крај на активното играње – потврди Пандев.
Парма е седми клуб од Италија во кариерата на Пандев, кој претходно играше за Интер, Специја, Анкона, Лацио, Наполи и Џенова.