Таа до мечот за титулата стигна без загубен сет. Гранслем-трофеј без загубен сет освоиле Радукану, Швјонтек, С. Вилијамс (дури шест пати), Бартоли, Шарапова, Анен, Девенпорт, В. Вилијамс, Хингис, Граф, Пирс, Санчес Викарио, Селеш, Навратилова…, а кај мажите Федерер и Надал
ТЕНИС – АВСТРАЛИЈА ОПЕН
Австралиската тенисерка и моментно број еден во светот Ешли Барти се пласира во финалето на гранслем-турнирот Австралија опен, а тоа го стори без изгубен сет. Во полуфиналето, Австралијката ја совлада Американката Медисон Киз, со 6-1, 6-3, и со тоа стана прва финалистка во женска конкуренција.
Барти во финалето утре ќе се сретне со Американката Даниела Колинс, која, пак, во второто полуфинале ја совлада Ига Швјонтек од Полска, со 6-4, 6-1. За неа ова е прво гранслем-финале во кариерата.
Во женскиот тенис до гранслем-трофејот без изгубен сет стигнаа Ема Радукану на ланскиот САД опен, Ига Швјонтек во 2020 година на Ролан Гарос, а порано и Серена Вилијамс (дури шест пати), Марион Бартоли, Марија Шарапова, Жастин Анен, Линдзи Девенпорт, Венус Вилијамс, Мартина Хингис, Штефи Граф, Мери Пирс, Аранча Санчес Викарио, Моника Селеш, Мартина Навратилова… На таа елита сега може да ѝ се придружи и Барти, која ќе се бори за својот трет гранслем-трофеј (по Ролан Гарос во 2019 година и на Вимблдон во 2021 година).
Во машка конкуренција во претходните 30 години, без загубен сет гранслем трофеј освоиле само Швајцарецот Роже Федерер и Шпанецот Рафаел Надал.
До финалето на Австралија опен, Барти изгуби само 21 гем, а на теренот останала шест часа и шест минути. Барти истовремено стана и првата Австралијка што ќе игра во финалето на Австралија опен по 1980 година.