Според податоците на водоводното претпријатие, најмала наплата на сметките за вода има во три скопски општини – Шуто Оризари, Сарај и Студеничани. Во Шуто Оризари наплатата е само 30 проценти, додека во другите две наплатата е за седум проценти поголема и изнесува 37 проценти. Општини, пак, каде што е најголема наплатата се Аеродром, Карпош и Кисела Вода. Во Аеродром наплатата изнесува 97 проценти, во Карпош 95, додека во Кисела Вода 92 проценти
НАПЛАТАТА НА СМЕТКИТЕ ПРОБЛЕМ ВО НЕКОИ ОПШТИНИ ВО СКОПЈЕ
Скопје е еден од ретките градови во кои жителите имаат безбедна и чиста вода за пиење. Сепак, за да стигне таа со сите домови, потребна е доста голема работа – редовно проверување на нејзиниот квалитет, одржување на водоснабдителната мрежа, но и управување со канализацискиот систем, кој исто така е дел од секторот што го покрива јавното претпријатие „Водовод и канализација“. За да ни бидат достапни сите тие услуги, потребни се финансии што граѓаните преку плаќањето на сметките за вода ги уплаќаат за редовно да имаат чиста вода за пиење.
ВО ШУТО ОРИЗАРИ НАЈМАЛА НАПЛАТА
Наплатата на сметките за вода е чест проблем за ЈП „Водовод и канализација“. Некои од жителите на главниот град сметаат дека не треба да плаќаат за тоа што го потрошиле, па со тоа не само што му прават штета на претпријатието туку и го ставаат во ризик водоснабдувањето, бидејќи, замислете, доколку сите не ги плаќаме сметките за тоа што сме го потрошиле, многу е веројатно дека ќе останеме без вода за пиење и задоволување на основните потреби.
Според податоците на водоводното претпријатие, најмала наплата на сметките за вода има во три скопски општини – Шуто Оризари, Сарај и Студеничани. Во Шуто Оризари наплатата е само 30 проценти, додека во другите две наплатата е за седум проценти поголема и изнесува 37 проценти.
Општини, пак, каде што е најголема наплатата се Аеродром, Карпош и Кисела Вода. Во Аеродром наплатата изнесува 97 проценти, во Карпош 95, додека во Кисела Вода 92 проценти.
– ЈП „Водовод и канализација“-Скопје во согласност со законските нормативи ги обезбедува побарувањето од корисниците на неколку начини – опомени за ненамирен долг, тужење на ненамирениот долг и прекинување на комуналната услуга (исклучување) – информираат од водоводното претпријатие.
Оттаму додаваат дека ги имаат предвид економската состојба и лошиот економски стандард на граѓаните, а како резултат на кризните состојби во државата, тие преземаат мерки во насока на олеснување на околностите за наплата на долговите, како акции за наплата на долговите без пресметка на камата за задоцнето плаќање и на рати.
За доближување на услугите до нашите корисници, се олесни пристапот до можностите за наплата на фактурите, преку процесот на дигитализација, и се создадоа услови за брзо плаќање на фактурите без провизија, преку веб-страницата на претпријатието, мобилната апликација достапна за Андроид и Иос, со скенирање на персонализираниот идентификациски код поставен на фактурите и преку самоуслужните апарати за наплата на четири локации во градот Скопје: Дирекцијата на ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје, Одделение за грижа на корисници во ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје, во ГТЦ на приземје и во трговскиот центар „Ист гејт“, на првиот кат – информираат оттаму.
ПОТРОШЕНОТО МОРА ДА СЕ ПЛАТИ
За некои од жителите што редовно ги плаќаат сметките, потребни се ригорозни санкции за неплаќачите. Тие велат дека финансиите и кај нив не се неограничени, па, сепак, прво што гледаат да биде направено е да бидат платени сите сметки.
– Не може некој да троши вода а да не плаќа за тоа. Не е само вода туку и струја и сѐ друго. Како може да не плаќаат? Ако не плаќаш и себично трошиш, товарот од твојот трошок го префрлаш на сите граѓани што плаќаат за сметките. Јас разбирам дека сме во кризна економска ситуација, многумина се без работа, некој нема ниту леб да купи и токму за нив постојат и олеснувања за плаќањето на сметките, но никако не е фер да се однесуваат така. И јас немам пари да се расфрлам, штедам, внимателно и паметно трошам, секогаш првенствено што гледам да биде намирено се сметките за тоа што сум потрошила – вели Јелена Димитриевска.
Скопјани велат дека некои од неплаќачите се први да плукаат по надлежните на социјалните мрежи кога ќе се случи некој дефект или, пак, кога поради некоја причина немаат вода, а за тоа воопшто не ни платиле сметки.
– Ем не плаќаат, ем се први да се бунат и да плукаат по надлежните. Таква иронија само кај нас може да има – вели Владимир Стојановски.