Фото: Архива

Екипите на Град Скопје завршија со чистење и целосно е исчистена дивата депонија кај кејот на реката Вардар во Општина Гази Баба, која зафаќаше површина од над 13.000 квадратни метри. Собрани се над 4.000 кубни метри комунален отпад и градежен шут, што секојдневно ја загадуваа животната средина и им го загрозуваа здравјето на жителите од оваа општина.
– Град Скопје интензивно работи на чистење на депонии во населбата Лисиче, Ново Село во Општина Ѓорче Петров, како и целосно чистење на дива депонија во населено место Брњарци, Општина Гази Баба. Чистење на сите диви депонии во Скопје е приоритет, со цел превенција на загадување на воздухот, почвата и водите и заштита на здравјето на граѓаните. Ги охрабруваме граѓаните да се вклучат во оваа акција на Градот, со тоа што ќе пријавуваат диви депонии, но пред сѐ, да бидеме совесни граѓани што се однесуваат еколошки одговорно и се грижат за својот град и за животната средина – информираат градските власти.