Фото: Маја Јаневска-Илиева

Врз основа на Законот за снабдување со вода за пиење и одведување на урбани отпадни води, член 14, ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје нема ингеренции за одржување на индивидуалните водоводни мрежи во домовите на корисниците, па оттука следува дека и случаите со замрзнување и штетите што може да настанат како резултат на тоа се одговорност на сопствениците

НИСКИТЕ ТЕМПЕРАТУРИ ПРЕДИЗВИКАА ГЛАВОБОЛКИ ЗА ГРАЃАНИТЕ

Поларниот бран што ја зафати земјава, а со тоа и главниот град, предизвикува низа проблеми за граѓаните. Голомразица на улиците, сериозни проблеми со возилата, дворовите, но и со водоснабдувањето. Замрзнувањето на водоводните цевки е реалност кога температурите се вака екстремно ниски под нулата и кога со денови се задржуваат во минус. Многумина што имаат чешми во дворовите се соочуваат со пукнати цевки како последица на мразот, но и со замрзнати цевки поради кои имаат сериозен проблем со водоснабдувањето, бидејќи во такви случаи немаат вода.

СО ГРЕАЛКИ ОДМРЗНУВААТ ЦЕВКИ

Екстремно ниските температури предизвикаа низа главоболки за скопјани, особено за оние што живеат во индивидуални објекти за домување, односно куќи. На овие ниски температури, замрзнувањето на водата во цевките е релативно честа појава, па граѓаните знаат да кажат дека ваквата појава е редовна во овој период, истакнувајќи дека тие „како знаат и умеат се справуваат со овој проблем“!? Некои оставаат цело време водата од чешмата да капе за да има движење и да не стои, а со тоа и да не замрзне. Други, пак, велат дека вклучуваат греалки кон цевките за да избегнат замрзнување.
– Вакви екстремни температури долг временски период одамна не сме имале. Живеам во куќа во Чаир и годинава добро настрадавме поради ниските температури. Водоводната цевка ни замрзна двапати, па за да добиеме вода морав да вклучам греалка и со часови да чекам за да ми се одмрзне цевката и да добијам вода. Ова е доста голем проблем за мене, бидејќи целата куќа ми гледа на северна страна, па замрзнувањето ни се случува речиси секоја година – истакна Љубица Андоновска.

ВОДОВОДНАТА МРЕЖА ДА СЕ ЗАШТИТИ ОД ЗАМРЗНУВАЊЕ

Од јавното претпријатие „Водовод и канализација“ – Скопје велат дека постојано ги следат промените во временските услови и за тоа редовно ги информираат граѓаните.
– ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје, во согласност со промените на температурите, постојано ги информира корисниците на услугите на претпријатието како да се однесуваат одговорно во насока на заштита на водниот ресурс, како во летниот така и во зимскиот период, но и во насока на заштита на водоводната мрежа, особено во зимскиот период кога имаме и минусни температури. Имено, од клучно значење е сопствениците да ја заштитат водоводната мрежа од замрзнување (со изолациски материјал) или да извршат комплетно исклучување на незаштитената водоводна мрежа – информираат од водоводното претпријатие.
Оттаму додаваат дека оставањето на чешмата да капе воопшто не е ефикасен метод, напротив, само ја зголемува потрошувачката и не ја спречува водата да замрзне.
– Важно е да се напомене дека практиката за оставање на водата да капе не влијае на спречување на замрзнувањето, туку само на зголемена потрошувачка на вода, со што всушност корисниците предизвикуваат финансиски удар на сопствениот буџет (поради ненаменски потрошено количество вода) и, секако, дополнителен трошок за ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје за зголемена испорака на вода за пиење – велат оттаму.
Врз основа на Законот за снабдување со вода за пиење и одведување на урбани
отпадни води, член 14, ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје нема ингеренции за одржување на индивидуалните водоводни мрежи во домовите на корисниците, па оттука следува дека и случаите со замрзнување и штетите што може да настанат како резултат на тоа се одговорност на сопствениците.

[email protected]