Вчерашниот снег што падна во Скопје ги активира зимските служби на општините и јавните претпријатија. Па, така, јавното претпријатие „Комунална хигиена“-Скопје на терен спроведуваше активности за чистење на снегот и мразот низ булеварите и улиците.
– Екипите на претпријатието ги расчистуваат и централното градско подрачје, плоштадот и улицата Македонија, помалите плоштади „Филип Втори“, „Мајка Тереза“ и „Богородица“, како и Старата чаршија. Се расчистува реонот околу Градската болница, Државната болница, Владата и Собранието на РМ, а континуирано се посолуваат пешачките патеки и тротоарите на мостовите „Гоце Делчев“ и „Слобода“, како и пешачките мостови во централното градско подрачје, за да им се овозможи безбедно и проодно движење на пешаците. Од механизацијата, се употребуваат специјални комунални возила- мултикултиватори и патарки за расфрлање на сол – информираа оттаму.
И ЈП „Водовод и канализација“ на терен ги чистеше сливниците и шахтите, за цел системот да биде подготвен да ги прими водите по топењето на снегот и за нормална функционалност на атмосферската канализација.
– Екипите на ЈП „Водовод и канализација“-Скопје ќе ја следат состојбата и ќе
продолжат со теренските активности во текот на викендот – информираа оттаму.
И општинските зимски служби се активни на терен. Голема акција за расчистување на снежните наноси се реализира во Општина Кисела Вода. На терен беше општинската администрација, заедно со сите сезонски работници. Со механизација се расчистуваше снегот и се фрлаше сол на замрзнатите површини, за граѓаните да можат непречено да стигнат до своите работни места. Исчистени беа и приодите до градинките, тротоарите и пешачките патеки.
Апелираме до сопствениците на деловните објекти да ја исполнат својата законска обврска за расчистување на снегот пред влезот на објектот, а исчистениот снег да не го фрлаат на улиците, со што би ја отежнале работата на нашите служби. Ваква обврска имаат и сите други граѓани, кои треба да го расчистат снегот пред своите дворови и влезовите на станбените згради и со тоа да овозможат проодност и непречен пристап до објектите – апелираа од Кисела Вода.
Од раните утрински часови на терен беа и екипите за зимско оддржување заедно со општинскиот кризен штаб од Општина Бутел.
– Навремено се исчистени сите критични места во општината Бутел, како и главните улици и сите споредни улици во сите населени места, за непречено одвивање на сообраќајот – информира градоначалникот Дарко Костовски.
И надлежните од Гази Баба информираа дека ниту едно населено место не е отсечено од сообраќај.
– Во Црешево отворивме мобилен пункт на кој се донесени количества сол. Екипите на ЈКП Гази Баба ги исчистија автобуските постојки и влезот на поликлиниката во Ченто и рачно фрлаа сол кај поранешна „Лондза“ и улицата Фуштанска во Ченто, а ќе продолжат и на други локации во текот на целиот ден.
Им благодарам на граѓаните за разбирањето – информира градоначалникот на Гази Баба, Бобан Стефковски.