Подобри услови за работа и вистинско вреднување на трудот на возачите на автобуси. Ова го истакна директорот на јавното претпријатие Иван Илиевски на денот на обележување на 74 години од постоењето на ЈСП Скопје.
– Проблемот со лицата кои повеќе години биле ангажирани преку привремени вработувања мора да се реши и да добијат статус на вработени на неопределено време. Трудот мора соодветно да се вреднува и ЈСП конечно да стане претпријатие каде што вработените ќе се горди дека се дел од него – истакна Илиевски.
За директорот на ЈСП, оваа година ќе биде година на опоравување на претпријатието што со години не е добро менаџирано.
– Оваа година ќе се направи реорганизација и штедење на средствата. Ќе биде тешка година поради цените на енергенсите, но мора да успееме да направиме ова претпријатие конечно да биде вистински сервис на граѓаните. Проблемот е што минатите 4 години се таложеле долгови, а притоа никој не водел сметка за тоа како работи ЈСП. Затоа започнуваме со поставување на работите во систем што ќе функционира – додаде директорот на ЈСП, Иван Илиевски.
На настанот присуствуваше и градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, а по повод обележувањето на 74 години на ЈСП беа доделени награди и благодарници за стаж над 40 години на Весна Апостоловиќ, Ајтен Хазир, Трпе Костадиновски, Ванчо Стојчевиќ, Зоран Спасовски, Момчило Додевски и Душко Димовски.