Семејството на Ѓоковиќ порачува
Најдобриот светски тенисер Новак Ѓоковиќ го напушти Мелбурн и замина за Дубаи по одлуката на австралиските власти да му ја укинат визата. На тој начин му беше оневозможено да учествува на Австралија опен каде требаше да ја брани титулата. Затоа, семејството на Ѓоковиќ излезе со официјално соопштение кое го пренесуваме во целост.
Многу сме разочарани од одлуката на Федералниот суд и фактот дека Новак мора да ја напушти Австралија. Тука не стануваше збор само за спортот и играњето на првиот гранслем-турнир сезонава, на кој Новак доминира цела деценија, туку и за политика и интереси кои во овој случај надвладеаја.
И покрај скандалозното однесување кон Новак, верувавме дека спортот ќе победи. Верувавме дека ќе се почитува фактот што го потврди судот – дека Новак ја има вистинската виза, дека правдата ќе биде задоволена и дека никакви „јавни интереси“ нема да бидат изговор за одлуката која е донесена.
Ова се тешки моменти, особено за Новак, но она што треба да го направиме сите, пред сè ние, како негово семејство, е да го поддржиме повеќе од кога било досега. Ќе бидеме тука да ги споделиме ударите што ги доби, да му помогнеме да си ја врати енергијата, вербата во овој спорт, пред сè во фер-плејот, кој тука целосно отсуствуваше.
Горди сме на него и на силата што ја покажа во борбата што достојно ја водеше. Веруваме дека од оваа ситуација ќе излезе посилен и дека времето ќе го покаже она што досега секогаш несомнено го потврдувал, а тоа е дека е голем шампион и човек, се вели во соопштението.