Австралија му ја поништи визата на најдобриот светски тенисер Новак Ѓоковиќ и планира да го депортира, пренесуваат светските медиуми.
Министерот за емиграција во Австралија, Алекс Хоук, го искористи своето дискреционо право да ја укине визата за Србинот, а како што пишува „Гардијан“ треба да уследи депортација и откажување на неговото учество на претстојниот гранслем-турнир Австралија Опен.
Според австралиските новинари кои внимателно го следат овој случај, визата била одбиена во интерес на здравјето и јавниот интерес. По неколкудневно размислување, Хоук, реши да ја поништи одлуката на судот и да не дозволи настап на Ѓоковиќ на Австралија Опен.
– Го искористив моето овластување за Законот за имиграција за да ја поништам визата што ја имаше Новак Ѓоковиќ. Од здравствени причини и воспоставување на подобар ред кои се во јавен интерес. За време на оваа одлука, внимателно ги разгледав сите информации од Министерството за внатрешни работи, австралиските гранични сили. Владата на Морисон е цврсто посветена на заштитата на границите на Австралија, особено за време на пандемија – објасни Хоук.
Адвокатите на Новак Ѓоковиќ однапред најавија дека ќе ја искористат можноста да поднесат жалба до судот во ваквиот случај.
Ѓоковиќ планирал двочасовен тренинг во четвртокот, но тој траел само половина час, пишува германскиот таблоид „Билд“, наведувајќи дека првиот тенисер во светот го напуштил теренот по пораката што му ја покажал кондициониот тренер Марко Паничи.
Судската одлука во случајот Ѓоковиќ е поништена. Но, одлуката за депортација останува можна и после тоа, пишуваат медиумите.
Ѓоковиќ пристигна во Австралија во средата, но не доби виза за влез во земјата, поради што беше сместен во хотел за баратели на азил, каде што го чекаше сослушувањето. Тој имаше медицинско ослободување од вакцинација против коронавирус, откако тоа беше потврдено од две тамошни комисии.
Според австралиската гранична полиција, Ѓоковиќ не доставил соодветни докази дека ги исполнува условите за влез во Австралија, поради што му била поништена визата.
Според документите објавени на официјалната веб-страница на надлежните австралиски институции, српскиот тенисер побарал медицинско ослободување што му овозможува да влезе во Австралија без да прими две дози од вакцината, врз основа на фактот дека неодамна заболел од ковид-19. Според документите, тој добил позитивен резултат од ПЦР-тест на 16 декември.
Во документите доставени од неговите адвокати, меѓу другото, се наведува дека Ѓоковиќ добил виза во ноември, а медицинско ослободување во декември, како и дека добил документ од Секторот за внатрешни работи дека може да влезе во земјата без да оди во карантин.