ТЕОРИЈАТА НА БОНХОФЕР ЗА ГЛУПАВОСТА ШТО НЕ ЈА ГУБИ АКТУЕЛНОСТА
Во најмрачниот период од германската историја, во времето кога бесната толпа фрлаше камења по излозите на невините сопственици на продавници, а жените и децата беа сурово понижувани во јавноста, младиот пастор Дитрих Бонхофер почна јавно да зборува против злосторствата на режимот. По долгогодишни обиди да го промени мислењето на луѓето, една вечер се врати дома, каде што неговиот роден татко мораше да му каже дека во собата го чекаат двајца мажи, со намера да го одведат.
Во затворот, Бонхофер почна да размислува за фактот што неговата земја на поети и мислители се претворила во збирштина од кукавици, измамници и криминалци. На крајот заклучи дека коренот на проблемот не е во злобата, туку во глупавоста, зашто додека бунтот против злото е можен и тоа може да се разоткрие и спречи со употреба на сила, против глупавоста сме беспомошни. Ништо не може да се постигне ниту со протести ниту, пак, со употреба на сила. Аргументите не допираат до тврди уши. Кога фактите се спротивни од предрасудите на една глупава личност, таа не чувствува дека треба да верува во нив, а кога тие се непобитни, едноставно ги потиснува настрана, сметајќи ги за безначајни и непотребни. Во сето ова, глупавата личност е многу самозадоволна, а бидејќи е лесно раздразлива, станува опасна и преоѓа во напад.
Ако сакаме да ја коригираме глупавоста, треба прво да ја разбереме
Доколку сакаме да дознаеме како се коригира глупавоста, мора да настојуваме да ја разбереме нејзината природа. Сосема е извесно дека глупавоста во својата суштина не е интелектуално, туку морално нарушување. Постојат човечки суштества што се интелектуално вешти, но глупави. Постојат и други, што се интелектуално здодевни, но воопшто не се глупави. Се стекнува впечаток дека глупавоста не е целосно вродена мана, туку дека под одредени околности луѓето стануваат глупави или, подобро речено, си дозволуваат себеси да станат глупави.
Луѓето што живеат сами поретко покажуваат ваков недостаток одошто поединците во групи. Се наметнува заклучокот дека глупавоста не е толку психолошки, колку социолошки проблем. Станува очигледно дека секој силен подем на моќта, било таа да е од политичка или религиозна природа, го заразува поголемиот дел од човештвото со глупавост. Речиси како да станува збор за некаков социолошко-психолошки закон, каде што моќта на едниот има потреба од глупавоста на другиот.
Процесот што се одвива не значи дека одреден човечки капацитет – како што е интелектот – пропаѓа, но изгледа дека под огромното влијание на растечката моќ, луѓето остануваат лишени од својата внатрешна независност и, помалку или повеќе, свесно се откажуваат од независното размислување. Тоа што глупавата личност често е тврдоглава, не смее да го прикрие фактот дека таа не е независна. Во разговор со таквата личност, имате впечаток дека не комуницирате со личноста, туку со паролите и фразите што ја обзеле.
Глупавата личност станува безумно оружје
Оваа личност во срцевината на своето битие е маѓепсана, заслепена и малтретирана, станувајќи на тој начин безумно оружје. Глупавата личност станува способна да направи какво било зло, при што самата е неспособна да препознае дека тоа што го прави е зло. Само чинот на ослободување, а не чинот на подучување, може да ја победи глупавоста. Овде мора да се помириме со фактот дека, во повеќето случаи, вистинското внатрешно ослободување станува можно само откако ќе му претходи надворешно ослободување. Сè дотогаш, мора да се откажеме од сите обиди за убедување на глупавата личност.
Бонхофер почина поради својата вмешаност во заговорот против Адолф Хитлер. Неговиот живот заврши во мугрите на 9 април 1945 година, во концентрациониот логор Флосенберг, само две недели пред американските војници да го ослободат логорот.