Рускиот претседател Владимир Путин им го честита Божиќ на православните христијани и на сите руски граѓани, соопшти прес-службата на Кремљ.
Путин во овогодинешната честитка вели дека Божиќ е еден од најголемите и најомилените христијански празници и дека има посебно морално значење, пренесува РИА Новости.
– Со обединувањето на луѓето околу високите духовни идеали и вредности, Божиќ ги исполнува срцата со радост и светли надежи и инспирира нови достигнувања – нагласува Путин во својата честитка.
Тој посочува дека Божиќ како празник е поврзан со добри семејни традиции кои се пренесуваат од колено на колено.
Путин, исто така, го истакна огромниот креативен, несебичен придонес што Руската православна црква и другите христијански конфесии во Русија го даваат за зачувување на богатото историско, патриотско и културно наследство на Русија, зајакнување на институцијата семејство и едукацијата на младите луѓе.