Од моментот кога САД почнаа да го преиспитуваат својот ангажман во светската политика, тие се повлекуваат стратегиски и ментално од голем број региони и се свртуваат кон Индопацификот, особено кон Кина, нивниот единствен вистински ривал за глобален лидер на 21 век. Кон што треба да се стреми Европа во овој нов контекст? Може ли ЕУ барем делумно да ја пополни настанатата безбедносна празнина?
Кога се работи за формирање заедничка безбедносна и одбранбена политика, ЕУ се движи со брзина на полжав, и покрај тоа што нејзината реторика на големо напредува. Без оглед на четиригодишното искуство со евроскептицизмот на Доналд Трамп, подемот на Кина и рускиот ревизионизам во Источна Европа, сè уште постои голем јаз помеѓу европските очекувања и реалноста.
Како еден од најбогатите и технолошки најнапредни региони во светот, Европа секако може да си дозволи спроведување на сопствена одбранбена и безбедносна стратегија. Меѓутоа, европскиот начин на размислување сè уште се нема обединето зад оваа идеја. Историското искуство сè уште има преголема тежина, како и длабоко вкоренетата претпоставка дека доколку „ножот дојде до коска“, Америка секогаш ќе биде тука да интервенира.
Главната причина за тоа што Европа останува парализирана дури и неспособна во однос на безбедносните прашања, лежи во двете нејзини најголеми и најнаселени земји основачи: Германија и Франција. Овие два (релативни) тешкаши поседуваат речиси ист стратегиски потенцијал. Без нив практично ништо не може да се случи кога станува збор за безбедносните политики. И покрај тоа што за постигнување каков било вистински напредок во насока на заедничка безбедносна рамка има потреба од консензус меѓу сите 27 држави членки, Франција и Германија се единствените членки што ги имаат потребните ресурси за претворање на новата визија во нова реалност.
Меѓутоа, старите навики тешко умираат. Во текот на четирите години од Студената војна, западните Европејци се потпираа на американската безбедносна гаранција, која подразбираше големо воено присуство во срцето на Европа и способност за нуклеарен противудар, како одговор на напад од страна на Варшавскиот пакт. Иако со нуклеарна војна поголемиот дел од Европа би бил претворен во куп радиоактивни урнатини, ваквиот договор сепак обезбеди мир во регионот. Западните Европејци даваа придонес преку своите трупи во НАТО, но останаа комплетно зависни од САД, дури и по завршувањето на Студената војна.
Еден од проблемите е што ЕУ не е федерација со една централна влада, туку конфедерација на суверени држави, секоја со поинаков историски карактер што преовладува во нејзината безбедносна политика. Никаде ова не е поочигледно одошто во случајот со француско-германските односи. Овие две држави историски и географски се толку блиску една до друга, а сепак се толку далечни во однос на безбедносните прашања, што може да се сметаат речиси за дијаметрално спротивни.
Вековниот антагонизам помеѓу Германците и Французите го отстапи своето место за соработка и пријателство дури откако Германија легна во урнатини, окупирана од сојузничките сили и поделена на крајот на Втората светска војна. Во децениите што следуваа, Европа конечно најде мир и забележа напредок кон една подлабока интеграција и заеднички правен систем, сето тоа под заштита на безбедносниот чадор на САД.
Сепак, историјата сè уште игра голема улога во германските и француските ставови што се однесуваат на безбедносната политика. Од своја страна, Франција и понатаму се идентификува како голема европска сила, благодарение на нејзиното нуклеарно оружје; нејзиното постојано место (со право на вето) во Советот за безбедност на ОН; нејзините прекуморски територии во Пацификот, Индиски Океан и Карибите; како и на нејзиното присуство во Западна Африка.
Спротивно на ова, Германија се откажа од своите амбиции за голема сила по двата катастрофално неуспешни обиди за светска доминација во 20 век. Без разлика кои партии се на власт, германските влади не користат воени средства и извоз на оружје како алатки на надворешната политика, оставајќи им на САД да се занимаваат со овие инструменти на тврда моќ. Повоеното германско политичко свртување во спротивен правец продолжува да ја дефинира државната самоперцепција, токму поради фактот што даде вакви позитивни резултати. Со ставањето во фокус на економијата, мирот и (најпосле) на дисциплинираното повторно обединување, Германија стана успешна современа приказна.
Франција може да му благодари на Шарл де Гол за постојаната самоидентификација како голема европска сила. И покрај поразот во 1940 година, повоената деколонизација и парцијалните расправии со САД во однос на НАТО, основната француска самоперцепција не претрпи промени. Од друга страна, Германија своето повоено „оживување“ го должи на решителното раскинување со сопствената историја, поради кое недвосмислено ја прифати одговорноста. Клучно за ваквото преиспитување и менување на курсот беше присуството на САД и неговата безбедносна гаранција.
Иако современа Франција и Германија ги одразуваат историските патеки по кои тргнаа, тие сепак се потпираат една на друга. На крајот на краиштата, нивните сопствени национални интереси се поврзани со оние на ЕУ, што значи дека ќе пливаат или ќе потонат заедно. Не постојат други изводливи алтернативи, особено доколку американската безбедносна гаранција за Европа почне да се „тетерави“.
Во овој контекст, развојот на заедничка безбедносна и одбранбена политика ќе бара огромни компромиси меѓу државите што го сочинуваат семејството на Унијата, чиишто радикално различни историски искуства и трауми и понатаму ќе останат најголемите бариери за напредок. Конечно, никаква голема спогодба нема одеднаш да ги усогласи германските и француските перспективи. Развојот на настаните ќе се огледа во тековниот, а можеби и постојан процес на преговори. Ова е единствениот начин на кој Европа може да функционира, особено кога станува збор за безбедносната политика.
Авторот е бивш вицеканцелар и шеф на дипломатијата на Германија