МЖ Транспорт потпиша договор со ЕВОР за набавка на најмалку пет нови товарни локомотиви, а паралелно се водат разговори со Светска банка за набавка на нови возови. Во план е и проектот за „Градски воз“, при што првата линија се очекува да започне со работа на 1 септември, како и набавката на нови електрични автобуси – изјави вицепремиерот Николоски.
Во поткастот за „Курир“, Николоски нагласи дека овој проект е еден од најзначајните, иако не е голем по обем.
Тој истакна дека проектот ќе придонесе за намалување на загадувањето во Скопје, ќе го промени начинот на живот во приградските населби и ќе поттикне помалку користење автомобили, а повеќе користење на воз. Дополнително посочи дека вакви системи постојат во големите европски градови и дека се користи постојната железничка инфраструктура, која се надградува.
Николоски информираше дека проектот е во напредна фаза за линијата што ќе ги поврзува Зелениково, Драчево, Лисиче, Кисела Вода и Аеродром со новата железничка станица во Скопје. Според планот, линијата треба да биде завршена до крајот на јуни за да започне со работа од 1 септември.
Паралелно, во соработка со Градежен факултет се работи на проектирање на уште две линии. Едната ќе оди од новата железничка станица преку Бутел и Скопје Север до Ѓорче Петров, а втората од новата железничка станица преку Автокоманда, Маџари и ќе завршува во Илинден.
Според најавите, овие линии треба да бидат готови кон крајот на 2027 или почетокот на 2028 година. Дополнително, оваа есен се очекува Скопје да добие и 100 нови електрични автобуси, што ќе придонесе за значително намалување на загадувањето во градот.

































