Фото: Нова Македонија

Основното јавно обвинителство во Гостивар отвори истражна постапка против 28-годишен жител на Скопје, осомничен за силување дете помладо од 15 години и злоупотреба на експлицитни фотографии и видеа, пренесе МИА.

Според Обвинителството, осомничениот, кој бил вработен во основно училиште, стапил во контакт со 14-годишно девојче и ја убедил да му испрати фотографии и видеа со сексуално експлицитна содржина. Потоа почнал да ја уценува дека ќе ги објави доколку не се сретне со него.

Девојчето прифатило средба, по што тој ја однел во куќа во гостиварскиот регион, каде, според наводите, извршил обљуба.

Во текот на овој месец повторно се обидел да ја присили на средба преку уцени, но откако таа одбила, ги објавил фотографиите и видеата на социјална мрежа, правејќи ги достапни и за други лица.

Поради сериозноста на делата и можноста за бегство, влијание врз жртвата или повторување на делото, обвинителството побарало определување мерка притвор.