Казахстан

Владата на Казахстан поднесе комплетна оставка по тридневните немири во земјата, предизвикани од вртоглавото покачување на цената на природниот гас и горивата. Протестите избија во неделата во градовите во западен Казахстан, а потоа се проширија низ целата земја, што резултира со вчерашната оставка на Владата. Претседателот на Казахстан, Касим-Жомарт Токаев, ја прифати оставката и прогласи двонеделна вонредна состојба во делови од земјата, откако протестите поради поскапувањето на горивата прераснаа во насилство. Тој за привремен премиер го назначи поранешниот вицепремиер Аликан Смаилов.
Инаку, немирите во земјата избија изминатиов викенд, откако цената на течниот природен гас, кој нашироко се користи за готвење и греење во земјата, од 1 јануари се удвои и сега изнесува 0,27 долари за литар, што е значително зголемување во земја со минимална месечна плата од 98 долари. Најжестоките судири со полицијата беа во градот Алмати, а народот упорно неколку дена протестираше на улица и покрај температурите под нулата и огромното присуство на безбедносните сили.

Подготвил: Дејан Србиновски