Северна Кореја

Северна Кореја истрелала балистичка ракета во морето од нејзиниот источен брег, соопштија јужнокорејската и јапонската војска. Јапонското министерство за одбрана јави дека Северна Кореја истрелала, најверојатно, нова балистичка ракета. Иако министерството не откри дополнителни детали, сепак јапонската крајбрежна стража го пријави лансирањето, велејќи дека тоа би можело да биде нова балистичка ракета со нуклеарни капацитети.
Лансирањето следува откако севернокорејскиот лидер Ким Јонг-ун вети дополнително зајакнување на воената способност на земјата минатата недела. Во говорот на конференцијата на владејачката партија, Ким не спомна конкретно ракети или нуклеарно оружје, но рече дека националната одбрана мора да зајакне.
Во меѓувреме, големите сили со резолуција на Советот за безбедност на ОН забранија тестирања балистички ракети од страна на Северна Кореја, а се воведени и санкции против земјата поради нејзините програми за оружје. Северна Кореја последен пат тестираше серија ново развиено оружје во периодот од септември до ноември минатата година.